• четврток, 07 ноември 2024

Ирак ги криминализираше хомосексуалните врски; максимална казна до 15 години затвор

Ирак ги криминализираше хомосексуалните врски; максимална казна до 15 години затвор

Багдад, 28 април 2024 (МИА) - Ирачкиот парламент синоќа усвои закон со кој се криминализираат хомосексуалните односи и трансродовите лица, со казни кои можат да изнесуваат и до 15 години затвор.

Законот е донесен по првата верзија, која предвидуваше смртна казна.

Веднаш реагираше меѓународната невладина организација Амнести интернешенел, која го критикуваше „кршењето на основните човекови права“, оценувајќи дека усвоените амандмани „ги загрозуваат Ирачаните кои и онака секојдневно се малтретирани“.

Тие амандмани, со кои се менува законот против проституција од 1988 година, беа усвоени на седница на која присуствуваа 170 пратеници од вкупно 329, соопшти прес-службата на ирачкиот парламент.

Новиот закон предвидува казни од десет до 15 години затвор за хомосексуални односи, како и за размена на сексуални партнери (свинг) во хетеросексуални односи.

Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, со седумгодишна затворска казна за „промовирање на хомосексуални односи“.

Законот, исто така, забранува „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува казна затвор од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родова транзиција.

Слична казна е предвидена за секој маж чие однесување се смета за женствено.

Ирачкото општество ја отфрла хомосексуалноста, а малата ЛГБТ+ заедница често е цел на „киднапирање, силување, тортура и убиства“ од вооружени групи кои остануваат неказнети за нивните злосторства, се вели во извештајот на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч од 2022 година. ссм/

фото: Пиксабеј

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан