ИПА Охрид во посета на геријатриското одделение на охридската Општа болница
- Притоа на 23-те повозрасни лица кои тука престојуваат и се лекуваат им беа предадени пригодни подароци и вртена пита со паричка.
Охрид, 14 јануари 2025 (МИА) – Претставници на Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид вчера во очи празникот Свети Василиј Велики-Василица го посетија Одделението за геријатрија при градската Општа болница.
Притоа на 23-те повозрасни лица кои тука престојуваат и се лекуваат им беа предадени пригодни подароци и вртена пита со паричка.
Претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски, им се заблагодари на возрасните сограѓани за топлиот пречек, за покажаната добрина и за мудрите размисли, стекнати со нивната долговечност.
„На заминување, добрите луѓе од геријатриското одделение, не испратија со насмевка на лицето, ни пружија рака во знак на пријателство, ни посакаа среќни празници и како добри домаќини, од душа ни упатија покана за повторна посета“, вели Димоски.
Во име на ИПА Охрид искажана е и почит кон целиот медицински тим на геријатриското одделение за нивната силна и безусловна посветеност во зачувувањето на здравјето на луѓето за кои се грижат.
„Нашите родители, нашите дедовци и баби, нашите повозрасни претци, ја заслужуваат целата љубов и почит на овој свет. Тие беа и се, нашиот столб. Тие се вградија себе си во нас, во нашиот развој и прогресот на Македонија“, додава Димоски. аб/цр
фото/ИПА Охрид