• сабота, 21 декември 2024

Инцидент во Албанија пред изборите: Убиен активист на владејачките социјалисти

Инцидент во Албанија пред изборите: Убиен активист на владејачките социјалисти
Тирана, 21 април 2021 (МИА) - Се вжештува атмосферата во Албанија пред парламентарните избори кои ќе се одржат в недела. Активист на Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама е убиен во градот Елбасан, а други четири лица се повредени. Меѓу повредените има и припадничка на специјалната полициска единица „Ренеа“, која не била на должност но се наоѓала во близина и дошла да помогне. Напаѓачот е нејзин поранешен колега. Според медиумите, убениот е Пјетри Џувани, кој неодамна ја напуштил партијата Движење за социјалистичка интеграција и се приклучил кон социјалистите. Инцидентот се случил пред канцеларијата на опозициската Демократска партија. Во полиција се приведени 27 лица, осум од нив приврзаници на Демократската партија, а како доказен материјал е запленет и автомобил со затемнети стакла, со кој стигнал напаѓачот. Како што пренесуваат медиумите, на вооружената престрелка и претходела расправија меѓу прврзанците на двете партии поради „купување гласови во населеното место „пет“ во Елбасан“. Пред два дена во Каваја со огнено оружје беше пукано во штаб на Демократската партија на Љуљзим Баша, при што со прострелна рана во нога се здоби секретарот на општинската организација на оваа партија. Полицијата потврди дека нападот не е поврзан со партиски активности, а лицето кое пукаше е во бегство. вт/гт/

Остани поврзан