• сабота, 23 ноември 2024

Информативниот караван „Агенција за пошти поблиску до корисниците на поштенските услуги“ денеска во Охрид

Информативниот караван „Агенција за пошти поблиску до корисниците на поштенските услуги“ денеска во Охрид

Охрид, 29 март 2024 (МИА) – Со едукативна средба со граѓани, студенти и претставници на локалниот бизнис-сектор, денеска во Охрид продолжи караванот на Агенцијата за пошти насловен „Агенција за пошти поблиску до корисниците на поштенските услуги“.

Претставниците на давателите на поштенски услуги, на Агенцијата за пошти и Канцелариите на Народниот правобранител преку средбите сакаат до корисниците на услугите да ги доближат своите активности, но и да ги запознаат со начинот на користење на правата на корисниците на поштенските услуги, како и да ја подигнат јавната свест за односната проблематика.

- Целта на караванот на Агенцијата за пошти како регулаторно тело е да ги запознаеме корисниците на поштенски услуги кои се нивните права, но и обврски. Да ја запознаеме јавноста како треба да функционираат поштите. Истовремено, наша интенција е граѓаните да бидат поблиску до Агенцијата за пошти и на тој начин да го подобриме поштенскиот секрот во земјата, рече директорот на Агенцијата за пошти, Сретен Миладиноски.

Како што беше истакнато на денешната средба во Охрид, многу од корисниците не се запознаени со правните лекови што можат да ги користат доколку имаат некакви проблеми во користењето на услугите што ги даваат поштенските оператори.

- Оттаму овие средби ги организираме за да ги посочиме насоките како да се реагира доколку имаат проблем со доставата на нивните пратки, како да поднесат рекламации кај давателите на услуги, па доколку е потребно да поднесат управен приговор, по што ќче се постапува согласно процедурите предвидени со Законот за пошти, рече тој.

Едукативниот караван после Тетово, Кичево и денеска во Охрид и Битола, предвидено е да продолжи низ градовите од источниот дел на земјата. аб/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан