• четврток, 26 декември 2024

„Интерфест“-Битола додели постхумно признание за Благоја Стефановски-Баге

„Интерфест“-Битола додели постхумно признание за Благоја Стефановски-Баге

Битола, 3 октомври 2021 (МИА)Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ додели постхумно признание и благодарница на Благоја Стефановски-Баге, еден од втемелувачите на фестивалот кој пред 30 години првпат се одржа во Битола.

-Благоја Стефановски-Баге се смета за најголем поттикнувач на идејата за востановување на „Интерфест“ и долгогодишен поддржувач на културниот настан кој на едно место, во Битола ги собира познатите уметници од класичната музика од сите страни на светот, посочи директорката на фестивалот Милица Шперовиќ Рибарски, која признанието го врачи на неговиот син, Бојан Стефановски.

На истоимената сцена во Битолскиот театар, „Интерфест“ додели признание и на градоначалничката Наташа Петровска за која, како што рече Шперовиќ Рибарски, се заслугите што успеа да се реновира Офицерскиот дом во Битола, објект во кој се наоѓа една од најубавите и најакустичните сали за концерти на класична музика.

Јубилејното 30. издание на „Интерфест“ синоќа почна со импресивна изведба на операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало под диригентстката палка на Бисера Чадловска, а продолжува вечер со концерт на дуо пијано Маурицио Матарезе и Карла Авентаџиато од Италија кои ќе изведат дела од Дебиси, Равел и Форе. мт/мд/

Остани поврзан