• вторник, 17 декември 2024

Интернет цензура 2020: Северна Македонија со малку онлајн ограничувања

Интернет цензура 2020: Северна Македонија со малку онлајн ограничувања
Њујорк, 15 јануари 2020 (МИА) - Според истражувањето за „Интернет цензура 2020“, под наслов „Глобална мапа на Интернет рестрикции“, Северна Македонија се наоѓа во групата со малку онлајн ограничувања. Земјава е оценета со два бода во скала од 10 бода, при што оценетите со 10 имаат најголеми рестрикции на Интернет. Во оваа студија, истражувачите ја споредиле состојбата на Интернет во 181 земја за да видат кои земји наметнуваат најстроги ограничувања на Интернет и чии граѓани уживаат најголеми слободи на Интернет. Студијата зема предвид 10 фактори како што се ограничување и забрана за торенти, ограничување и забрана за порнографија, ограничување и забрана за политички медиуми, тешка цензура на политичките медиуми, ограничувања и забрана за социјални медиуми, ограничувања и забрана за VPN. Северна Македонија има одредени рестрикции во однос на преземање содржина од Торент, како и забрана за политички медиуми. Според студијата, најлоша ситуација, кога станува збор за цензура на Интернет, е во Северна Кореја, каде се забележани сите 10 фактори на ограничување. Следат Кина (9), Русија, Туркменистан и Иран, Белорусија, Турција, Оман, Пакистан, Обединетите Арапски Емирати и Еритреја. Кина, Еритреја, Туркменистан и Северна Кореја се исто така единствените земји што наметнуваат целосна блокада на социјалните мрежи, а може да ги следат и некои други земји, кои според студијата би ги загрозиле слободниот говор и приватноста. Голем број земји ги ограничуваат медиумите на некој начин, или преку строги ограничувања на новинарите кои зборуваат на табу-теми или со отстранување на интернет-страниците што настојуваат да објавуваат независни вести. Иако не е изненадување што Кина, Русија и Северна Кореја се на врвот на списокот, загрижува сè поголемиот број рестрикции во многу други земји, оцени авторот на студијата Пол Бишоф, експерт за ИТ содржина. - Од можната блокада на порнографските содржини во Велика Британија и Австралија до растечкото политичко медиумско непријателство во САД, нашите онлајн слободи веќе не можат да ги земаме здраво за готово, вели тој. Бидејќи цензурата станува почеста, сè повеќе земји би можеле да се приклучат на списокот на забрани и со тоа да ја загрозат дигиталната приватност на граѓаните, се заклучува во извештајот. ссм/

Остани поврзан