• четврток, 26 декември 2024

Димитар Грбевски, лауреат - „Голема ѕвезда на македонскиот филм“: Филмот е национална добробит

Димитар Грбевски, лауреат - „Голема ѕвезда на македонскиот филм“: Филмот е национална добробит

Битола, 24 септември 2024 (МИА) - Филмот е национална добробит и мора континуирано да се прави. Филмот е одлична комуникација со светот и затоа треба да се инвестира во филмот, вели во интервју за МИА, професорот во пензија Димитар Грбевски, основач на Катедрата за филмска и ТВ монатажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје, познат и признат македонски филмски и телевизиски монтажер, годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија-ДФРМ, беше врачена на ИФФК „Браќа Манаки“ за исклучителен придонес на Грбевски во македонската кинематографија.

Како ја чувствувате наградата што ви ја додели ДФРМ ?

- Радосен сум. Ова е признание кое долги години се формирало за да се дојде до признание. Првиот филм што го направив е „Црвениот коњ“ на Столе Попов, а пред него за телевизиски игран филм работев со Димитрие Османли. Во мојата професионална кариера работев во „Јадран филм“ во Хрватска каде и студирав. Последниот филм го работев со Митко Панов, станува збор за филмот „Сведок“. А во меѓувреме, во Македонија работев со сите режисери меѓу кои Ѓурчинов, Блажевски, Трајчов, Попов, Гапо, Мето Петровски, Зоран Младеновиќ, Стево Црвеновски...можеби некого во овој момент ненамерно нема да посочам.

Колку време сте во оваа професија и кога беше највозбудливо ?

- Првите филмови беа највозбудливи. Тоа секогаш се памти, исто како што се паметат почетоците во професијата. Прво, во 1965 година, работев во македонската телевизија, тогашна Телевизија Скопје. Потоа заминав на Академија во Загреб каде на Факултетот за драмски уметности студирав. Тоа беше првата генерација која се стекна со образование за филмска и телевизиска монтажа. Додека студирав и работев, во „Загреб филм“, во „Јадран филм“, јас соработував со нашиот Дарко Марковиќ, но и со Петар Глигоров, како и со загребските режисери. Со Зафрановиќ работев документарен филм, како асистент работев на серијата „Мало мисто“...има многу моменти од тој период што се значајни и интересни.

Дали има подмладок од вашиот профил во нашата држава ?

- Јас како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје ја основав Катедрата по филмска монтажа. Заедно со останатите професори направивме генерации кои завршија, а од нив веќе работат на различни филмови. Кога би набројувал дел од студентите...на пример ќе го кажам продуцентот на „Медена земја“ Атанас Ѓоргиев, потоа Петар Ѓуровски и многу други што во овој момент со име и презиме неможам да се сетам. Се силни генерации. Мило ми е што со помош на Владимир Милчин и на Данчо Чевревски беше отворена Катедрата за филмска монтажа на ФДУ-Скопје, а потоа сам го креирав нејзиното работење. Во тоа време соработував со македонската телевизија, и тогашните директори помогнаа студентите да работаат и монтираат на монтажен стол, како и друга помош за здрави почетоци со практични знаења. Работата на секое поле ми беше, и е задоволство. Потоа, во 2012 година се пензионирав, но п родолжив со работа. Во моментов работам со многу поранешни студенти кои постојано ми се јавуваат за консултации за различни филмови.

Зошто е важно да се прават филмови ?

- Филм мора да се прави. Филмот е национална добробит. Ние можеме целата македонска култура да ја префрлиме на филмот и да ја презентираме. Тоа е одлична комуникација со светот. Друг начин не постои. Снимен филм може да се пласира насекаде, на секој фестивал. Затоа треба да се инвестира во филмот. На пример, само со филм може да се оди на фестивалот во Кан. Филмот е најкомуникативен. Може да се понуди на е-мрежи и да се пласира насекаде. Ние со филмот „Медена земја“ се закитивме со две номинации за Оскар. Номинација за Оскар имавме и кога со Столе Попов го работевме филмот „Дае“. Јас како дел од тимот бев во Холивуд на доделувањето на наградата Оскар. Ден денес памтам кога еден господин ми пријде и ме праша -Што очекувате? Јас му одговорив: - Очекуваме да добиеме Оскар! А, тој веднаш рече: - Но, вие веќе го добивте оскарот бидејќи со самата номинација вие веќе имате Оскар, ми рече соговорникот. Престојот во Холивуд за мене е магија што ја видов и секогаш ќе ја паметам.

Каде ја поставивте ѕвездата, наградата што ви беше доделена во Битола ?

- Ѕвездата веднаш ја подарив на мојот внук Горјан Кухар Грбевски. Радоста сакав да ја пренесам токму кон мојот внук кој многу се израдува. Вели, -дедо овој викенд ми е најсреќниот викенд во животот! Го прашав зошто? А, тој ми вели -прво дојдов во убавата Битола која ми остави силен впечаток, а потоа затоа што го доби ова големо македонско признание.

Во колекцијата награди и признанија за Димитар Грбевски, освен најновата „Голема ѕвезда на маедонскиот филм“, се и Повелбата за долгогодишен придонес на Фестивалот за документарен и краток филм во Белград, како и наградата „Залатен објектив“ што ја доделува Кинотека на Македонија.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан