Институт за проучување на војната: На Русија ќе и требаат 83 години да ја окупира цела Украина
- „Путин претстави теорија за победата заснована на идејата дека Русија може да издржи подолго од Украина и Западот, да продолжи да напредува на бојното поле и на крајот да ја победи Украина“, се наведува во извештајот на ISW.

Вашингтон, 26 февруари 2025 (МИА) – Руската армија ќе мора да се бори уште најмалку 83 години за да ги освои преостанатите 80 отсто од територијата на Украина, проценува Институтот за проучување на војната (ISW).
Американскиот тинк-тенк тврди дека Русија дејствува под претпоставка дека војната ќе трае бесконечно и дека не и се потребни големи територијални поместувања во една офанзива.
ISW проценува дека со сегашната стапка на напредување и огромни загуби на работна сила, на руските сили ќе им треба до 2108 година за да ја преземат цела Украина, што според нив е малку веројатно.
„Путин претстави теорија за победата заснована на идејата дека Русија може да издржи подолго од Украина и Западот, да продолжи да напредува на бојното поле и на крајот да ја победи Украина“, се наведува во извештајот на ISW.
Во моментов, руските сили држат околу 20 отсто од украинската територија додека војната продолжува без значителен напредок на фронтот.
Оваа анализа доаѓа во време кога се појавуваат надежи за примирје меѓу Русија и Украина. Минатата недела руските претставници се сретнаа со американски официјални претставници во Саудиска Арабија за да разговараат за можноста за прекин на огнот, а за утре е најавена нова средба во Истанбул.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков потврди дека меѓу Москва и Вашингтон се подготвуваат „експертски разговори“ како продолжение на средбата во Ријад.сд/
фото:МИА архива