• сабота, 23 ноември 2024

Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани обвинува за злоупотреба на акцијата за пролетно пошумување

Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани обвинува за злоупотреба на акцијата за пролетно пошумување
Кочани, 23 март 2022 (МИА) – Иницијативниот одбор за здрав живот реагира за начинот на кој Општина Кочани вчера реализираше еко-акција за пролетно пошумување, обвинувајќи ги надлежните дека ја злоупотребиле улогата на локалната самоуправа за промовирање на приватна компанија. Членовите на граѓанското здружение на прес-конференција го искажаа револтот што наместо за одбележување на Денот на пролетта и промоција на здравата животна средина, настанот бил искористен за туѓи интереси, а Општината е само покритие за тоа полесно да помине во јавноста. -Реагираме затоа што беа злоупотребени граѓаните кои учествуваа на акцијата за пошумување, но и Општината, како граѓански имот и градоначалникот, за кого излегува дека ние го плаќаме за компаниска реклама. Не сме против активностите за пошумување, како што се обидуваат да нè обвинат, но не ја гледаме целта да се пошумува со донација вредна илјада евра од компанија која го загадува воздухот со испуштање штетни честички и јаглероден моноксид. Со тоа тивко се уништува здравјето на луѓето и се губат човечки животи, а се прави реклама на приватна компанија која едноставно го убива градот. Дополнително, ни пречи тоа што беа злоупотребени малолетни лица, ученици од училиштата, а знаеме дека на само педесетина метри од фабриката што се рекламираше е СОУ „Гошо Викентиев“, истакна Горан Лефков од Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани. Еко-активистите информираа дека за вклучувањето на малолетници и нивната злоупотреба се интересирале и од детската амбасада „Меѓаши“, од каде дополнително ќе го испитаат случајот. Во меѓувреме на два пункта, во Трговскиот центар и кај Автобуската станица продолжува собирањето потписи од граѓаните на Кочани против загадувањето на воздухот, водата и почвата, со барање до надлежните државни институции да преземат соодветни мерки.та/вј/

Остани поврзан