• понеделник, 23 декември 2024

Иницијатива на Мишел да деблокирање на Нагорно-Карабах

Иницијатива на Мишел да деблокирање на Нагорно-Карабах

Брисел, 1 септември 2023 (МИА) - Хуманитарната ситуација во Нагорно-Карабах забрзано се влошува, поради што е потребно да се преземат чекори за деблокирање на Лачинскиот Коридор, со цел да се одговори на потребите на локалното население, соопшти денеска Кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Во соопштението се наведува дека Мишел предложил надминување на проблемот со пристап „чекор-по-чекор“, со крајна цел - слободно функционирање на Лачинскиот Коридор и отворање на рута од Нагорно-Карабах до градот Агдам.

- Претседателот Мишел продолжи да биде интензивно ангажиран во унапредувањето на процесот на нормализација меѓу Ерменија и Азербејџан. Неговите напори во изминатите недели, поддржани од специјалниот претсавник на ЕУ за Јужен Кавказ, Тоиво Клар, приоритетно се фокусираа на решавање на хуманитарната ситуација на Ерменците од Карабах, се додава во соопштението.

Од Кабинетот на Мишел порачуваат дека ЕУ „силно верува“ оти Лачинскиот Коридор мора да биде деблокиран, како и дека треба да се овзоможи користење на патот од азерејџанскиот град Агдам до Нагорно Карабах за „конкретно и одржливо решение за снабдување со итни и дневни основни потреби на граѓаните“.

- ЕУ ја истакнува потребата Баку јасно да ги запознае Ерменците од Карабах во врска со процедурите за нивното движење низ Лачинскиот Коридор до и од Ерменија. Паралелно, се фокусираме и на обновата на снабдувањето со електрична енергија и гас за Ерменците од Карабах што е можно поскоро, се додава во соопштението.

Покрај надминувањето на овие потреби, ЕУ смета дека е потребно „да се реши наследството од конфликтот“ за да се дојде до долгорочното одржливо решение.

- Дијалогот меѓу Баку и претставниците на Ерменците кои живеат во поранешната автономна област Нагорно-Карабах ќе биде суштински во овој поглед. Мора да се гарантираат правата и безбедноста на Ерменците од Карабах, а дискусиите за конкретни модалитети треба да започнат што е можно поскоро. Дијалогот меѓу Баку и Ерменците од Карабах треба да ја зајакне довербата. За таа цел, ЕУ изнесе различни предлози за меѓународна поддршка на овој процес, како и за ангажман на терен за поддршка на спроведувањето на постигнатите договори, се посочува во соопштението.

Според Кабинетот на Мишел, сите преземени напори од страна на ЕУ имаат за цел да обезбедат трајна нормализација на односите меѓу Баку и Ереван.

- Сега е време за храбри компромисни решенија. ЕУ соработува со други меѓународни актери во овие напори, преку редовни лични контакти и размена на мислења со нив, за тоа како најдобро да се реши моменталната неодржлива ситуација, се посочува во соопштението.

Реакцијата од Кабинетот на Мишел доаѓа по инциднетот во кој загинаа двајца ерменски војници, а трет е повреден, откако, според тврдењата на Ереван, азербејџанските сили отвориле оган врз воен пункт недалеку од границата меѓу двете земји, во близина на Сотко во југоисточна Ерменија.

Лачинскиот коридорот беше воспоставен со мировниот договор со кој заврши конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година, при кој азеребјџанската армија поврати конторла врз најголемиот дел од својата територија што од завршувањето на војната во 1994 година беше контролирана од ерменските и нагорнокарабашките сили. Надвор од контрола на азербејџанските сили е на територијата што беше дел од автонономниот регион Нагорно-Карабах во советскиот период. Коридорот е единствената копнена врска меѓу Ерманија и Нагорно-Карабах, азербејџански регион населен со Ерменци.

Азербејџанските власти во април поставија контролен пункт на патот на влезот во коридорот, со цел, како што наведоа, „да се спречи нелегален транспорт на работна сила, оружје и мини од територијата на Ерменија за нелегални формации на ерменски „бандити“ на територијата на Азербејџан“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан