• четврток, 22 август 2024

ИНА во центарот на корупциски скандал: Шест лица обвинети за незаконска трговија на природен гас

ИНА во центарот на корупциски скандал: Шест лица обвинети за незаконска трговија на природен гас

Загреб, 21 август 2024 (МИА) - Против поранешниот директор на нафтената компанија ИНА, Дамир Шкугор, и уште шест лица е подигнато обвинение за незаконска трговија со природен гас, со што хрватската компанија е оштетена за 160 милиони евра, соопштено е денеска во Загреб.

Канцеларијата за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК) во соопштението не ги наведе имињата на обвинетите, но медиумите пренесуваат дека обвинението е подигнато против Шкугор, неговиот татко Дане, поранешниот претседател на Хрватската адвокатска комора Јосип Шурјак, неговиот деловен партнер Горан Хусиќ и поранешната директорка на Плинара Источна Славонија, Марија Раткиќ.

Обвинети се и поранешниот раководител на Продажба на гас и енергија во ИНА, Стипе Леко, и директорот на компанијата EVN Croatia Plin, Владо Мандиќ.

УСКОК ги товари дека гасот кој го купувале од ИНА по фиксна цена од 19,5 евра го продавале по десет пати повисока цена.

Шкугор и останатите се обвинети дека од август 2020 до август 2022 формирале криминално здружение и извршиле серија кривични дела во доменот на економското работење и перење пари. Станува збор за голема афера која избувна во 2022 година, при што тогаш беа уапсени Шкугор, неговиот татко Дане и уште три лица.

Поради оваа афера, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, повеќе пати јавно го критикуваше премиерот и претседател на Хрватската демократска заедница, Андреј Пленковиќ. ссм/

Остани поврзан