Околу илјада дечиња со песна и Бадникова поворка низ Охрид го најавија Христовото раѓање
- Околу илјада дечиња денеска со песна преку Бадниковата поворка низ улиците на Охрид го најавија Христовото раѓање и големиот христијански празник Божик.
Охрид, 6 јануари 2025 (МИА) – Околу илјада дечиња денеска со песна преку Бадниковата поворка низ улиците на Охрид го најавија Христовото раѓање и големиот христијански празник Божик.
Поворката утрово тргна од црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка маала и продолжи преку улицата „Јане Сандански“, булеварот „Туристичка“ и охридската Чаршија, за напладне да пристигне на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“.
Пред бадниковата пештера на Градскиот плоштад, коледарчињата ги пречека градоначалникот Кирил Пецаков, кој заедно со претставници на Советот на Општината и на градските јавни претпријатија ги даруваше со пригодни подароци.
- Оваа година во Бадниковата поворка има околу илјада дечиња, кои ја продолжуваат традицијата што не одржала низ вековите. Сите заедно треба да работиме на одржување на вековната врска на црквата, верата и народот. Нека ни се среќни Божикните празници, порача Пецаков.
Годинава, новина е што покрај централните поворки во Охрид и Струга, имаше и повеќе поворки во околните села, со што радоста за Христовото раѓање дечињата ја пренесоат во се поголем број домови.
Летка Филипова, регионалниот координатор на Бадниковите поворки, во оваа прилика истакна дека голема е радоста што од година во година се поголем бројот деца учествуваат во Бадниковата поворка.
- Децата пристапуваат кон овој настан со голема љубов, со чиста душа, но и желба да научат за Христовото раѓање. Добра прилика е овој настан децата да ја научат вистинската вредност што треба да постои кај секој човек, а тоа е духовното, што се надевам дека ќе ги одвлече од пороците што ги демнат во денешницата, рече Филипова.
Бадниковата поворка во Охрид се одржува по 14 пат, во оганизација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид, со поддршка на локалната самоуправа. аб/бак/
Фото: МИА