• понеделник, 23 декември 2024

Илиев: Оптимисти сме, обврска е да го дадеме најдоброто

Илиев: Оптимисти сме, обврска е да го дадеме најдоброто

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) – Македонскиот репрезентативен голман, Дејан Илиев е оптимист дека може да се одигра на високо ниво против Хрватска и со Чешка.

- Оптимисти сме, иако се работи за сосема други репрезентации во однос на последните кои ги одигравме. Хрватска е многу квалитетна репрезентација, се подготвуваат за настап на Европското првенство, но наша обврска е да го дадеме најдоброто од себе и да веруваме во позитивен резултат. Треба да бидеме претпазливи, грешки на вакви натпревари можат многу да не чинат, изјави Илиев.

Македонската фудбалска репрезентација контролниот натпревар против Хрватска ќе го игра на 3 јуни во Риека. Седум дена подоцна „црвено-жолтите“ ќе гостуваат во Храдец Кралове, Чешка.

Репрезентацијата утре ќе биде во речиси комплетен состав со приклучувањето на Ѓоко Зајков, Столе Димитриевски, Александар Трајковски и Јани Атанасов. 

Бојан Димоски со својот клуб Акрон Тољати на 1. јуни игра плејоф натпревар за влез во Првата руска лига и ќе им се приклучи на репрезентативните колеги на собирот во Хрватска. зс/

Фото: ФФМ

Остани поврзан