• вторник, 24 декември 2024

ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Односите со Бугарија никогаш не биле полоши

ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Односите со Бугарија никогаш не биле полоши

Скопје, 6 февруари 2023 (МИА) - Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа седница на која се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, односите со Бугарија, а беа донесени и повеќе кадрови одлуки, соопшти партиската прес-служба.

Извршниот Комитет смета дека односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија никогаш не биле полоши од сега, што покажуваат и постојаните тензии, уцени и условувања. 

- Договорот за пријателство и добрососедство кој го склучи владата предводена од СДС и ДУИ со Бугарија, наместо за да носи пријателски односи и меѓусебна соработка, тој е затруено дрво кое раѓа затруени плодови. Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу  Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик постојано се проширува.  За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања, оценува ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на економската состојба, заклучено е дека никогаш не се живеел полошо.

- Македонија руши рекорди по инфлација.  Власта е неспособна да ги заштити граѓаните од постојаните поскапувања, но и не ги заштитува компаниите кои поради кризата секојдневно ставаат клуч на врата, а со тоа илјадници граѓани остануваат на улица. Наместо тоа власта на граѓаните зачестено им задава нови удари како што се честите поскапувања на струјата, а потоа како домино ефект предизвикуваат поскапувања на се останато, смета ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, единствен спас  и излез од оваа ситуација се предвремени парламентарни избори.

На седницата на Извршниот комитет се донесени и кадрови одлуки.

Нов претседател на Градски Комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ е Бојан Христовски, а нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Тетово е пратеникот Александар Велјановски.са/

Остани поврзан