• петок, 22 ноември 2024

Иконому: Грција е соодветно подготвена за одлучно, смирено и ефикасно да одговори на која било провокација од Турција

Иконому: Грција е соодветно подготвена за одлучно, смирено и ефикасно да одговори на која било провокација од Турција
Атина, 13 октомври 2022 (МИА) – За заканите од Турција на сите нивоа, Грција е соодветно подготвена за одлучно, смирено и многу ефикасно да одговори на која било провокација, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите и паралелно изрази надеж дека ќе има деескалација на тензиите во односите со Анкара, јави дописничката на МИА од Атина. Одговарајќи на новинарско прашање за евентуална средба на министрите за одбрана на Грција и на Турција на маргините на НАТО-самитот во Брисел, Иконому рече дека тоа би бил практичен доказ дека турската страна сфаќа дека нејзината тактика од изминатиот период води кон ќор-сокак. - Секоја средба, секој чекор кон дијалог е чекор кон деескалација на тензијата и мислам дека е еден практичен доказ дека соседите го сфаќаат ќор-сокакот на оваа провокативна тактика, провокативна стратегија што ја следат подолго време, истакна портпаролот на грчката Влада. Додаде дека колку и да се обидува Турција, нејзините позиции, односно како што рече, „апсурдните, непостоечките и нелегалните барања“ не се прифатени ниту во Европската Унија, ниту во НАТО, ниту од големите сили. Во однос на средбата на турскиот и рускиот претседател, Иконому рече дека „Европската унија во целост, како и сојузниците во НАТО ги загрижува фактот што Турција не се однесува на начин што би бил усогласен во однос на санкциите  за Русија“. За евентуалните енергетски последици што би можеле да постојат за Грција, објасни дека земјата ги има разгледано сите сценарија и е целосно подготвена. Уште еднаш повтори дека Грција, за енергетската криза на европско ниво, ќе инсистира на потребата за носење одлуки, а како позитивен чекор го оценуваат писмото испратено од претседателката на ЕК. - Нашите позиции веќе подолго време се познати. Создадовме силен бран за поддршка на овие позиции. Ќе продолжиме да работиме во оваа насока. Не треба да се изгуби повеќе време. Нашите предлози мора да бидат оценети и усвоени. Европската комисија, Европската Унија треба да ги поддржат националните Влади во борбата против енергетските поскапувања во зимата што доаѓа, истакна Иконому. ср/зш/

Остани поврзан