• сабота, 23 ноември 2024

Израел мобилизираше уште две единици од резервата пред можните борби во Рафа

Израел мобилизираше уште две единици од резервата пред можните борби во Рафа

Тел Авив, 24 април 2024 (МИА) - Израелските одбранбени сили (ИДФ) мобилизираа две дополнителни резервни бригади пред можното распоредување во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти денеска ИДФ.

Бригадите претходно беа распоредени на границата на Израел со Либан. Меѓутоа, во последните недели тие беа на обука за операции во Појасот Газа, пишува ДПА.

-Војниците вежбаа борбени техники и ги научија главните увиди и лекции од досегашните борбени и копнени маневри во Појасот Газа, се вели во соопштението на ИДФ.

На почетокот на војната во Газа пред повеќе од шест и пол месеци, Израел мобилизираше околу 300 илјади резервисти. Сепак, повеќето од нив оттогаш се ослободени.

Неодамна, активни војници беа распоредени главно во Појасот Газа. Израел не го објавува бројот на своите војници, но бригадата обично се состои од неколку илјади војници.

Копнената офанзива во Рафа е многу контроверзна, бидејќи сојузниците на Израел, вклучително и САД, неговиот најсилен поддржувач, предупредија на тоа бидејќи стотици илјади палестински бегалци се наоѓаат во јужниот град и неговата околина.

Градот во близина на египетската граница се смета за единствениот во затворениот крајбрежен појас кој сè уште е релативно недопрен. Израел планира да го евакуира Рафа и сака да го премести цивилното население во побезбедни области како што е кампот Ал-Маваси. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан