• вторник, 17 декември 2024

Израел ги нарече „целосно лажни“ обвинувањата на Амнести за геноцид во Газа

Израел ги нарече „целосно лажни“ обвинувањата на Амнести за геноцид во Газа

Тел Авив, 5 декември 2024 (МИА) – Израел го отфрли како „целосно лажен“ денешниот извештај на Амнести Интернешнал, во кој се обвинува за геноцид врз Палестинците во Појасот Газа.

- Нечесната и фанатична организација Амнести Интернешнал уште еднаш произведе измислен извештај кој е целосно лажен и заснован на лаги, се вели во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се вели дека наместо тоа, невидениот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година бил „геноциден“.

- Израел се брани себеси … постапувајќи целосно во согласност со меѓународното право, се вели во соопштението.

Амнести Интернешнал денеска објави извештај во кој го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во Појасот Газа, истакнувајќи дека израелската војска намерно извршила воени злосторства.

Организацијата за човекови права, во извештај од 300 страници, наведе дека за време на израелската офанзива, армијата намерно им донела страдање и уништување на луѓето што живеат во Газа.

- Нашите наоди мора да послужат како повик за будење до меѓународната заедница: Ова е геноцид. Мора веднаш да престане, рече во изјавата генералната секретарка на Амнести Интернешнл Ањес Каламар.

Израел постојано ги отфрла ваквите обвинувања, нарекувајќи ги своите дејствија одбранбени и повикувајќи се на своето право на самоодбрана.

Групата за човекови права објави извештај за Блискиот Исток во кој се вели дека таквите акции не може да се оправдаат со терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната, или со присуството на вооружени борци во цивилните области.

Амнести нагласи дека Израел „има за цел да ги уништи Палестинците“.

Земјите кои продолжуваат да му доставуваат оружје на Израел ризикуваат да станат соучесници, се предупредува во извештајот. Организацијата повикува на итен прекин на, како што вели, геноцидот, воспоставување прекин на огнот и ослободување на сите заложници. јт/

Остани поврзан