• вторник, 24 декември 2024

Израелски воздушен напад врз бегалски камп: Најмалку 13 лица загинаа, повеќе од 70 се ранети

Израелски воздушен напад врз бегалски камп: Најмалку 13 лица загинаа, повеќе од 70 се ранети

Рафа, 19 декември 2023 (МИА) - Најмалку 13 Палестинци се убиени, а 75 ранети во денешниот израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа, изјави портпаролот на Министерството за здравство во енклавата контролирана од Хамас. На југот, во Рафа, во израелско гранатирање загинаа 20 лица.

Засега нема коментар од израелските власти.

Со површина од 1,4 квадратни километри, Џабалија е најголемиот од осумте бегалски кампови во Појасот Газа со околу 116.000 регистрирани луѓе.

Многу од нив зависат од помошта што ја обезбедува специјалната Агенција на ОН за палестински бегалци (UNRWA) за храна, лекови и други потреби.

Во меѓувреме, Хамас објави дека во Рафа се убиени 20 луѓе, меѓу кои и палестинскиот новинар Адел Зуруб и неколку членови на неговото семејство. Според владината прес-служба под контрола на Хамас, бројот на убиените новинари се искачи на 97.

Во копнената војна, во која Израел досега загуби 132 војници, тенковите продолжуваат да напредуваат кон јужниот град Кан Јунис, но наидуваат на силен отпор.

Израел е решен во Појасот Газа да го искорени Хамас, палестинското сунитско терористичко движење, кој стои зад масакрот на израелските цивили во нападот на 7 октомври врз населби и фарми на југот на земјата и младински музички фестивал.

Израелската офанзива ја претвори крајбрежната енклава во урнатини, а досега, според Хамас, речиси 20.000 луѓе се убиени во бомбардирањето.

Меѓународната заедница врши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го намали интензитетот на војната за да избегне цивилни жртви. Нетанјаху одговара дека војната нема да запре додека не се ослободат 129-те преостанати заложници и не се уништи Хамас. ссм/

фото: архива

Остани поврзан