• вторник, 24 декември 2024

Израелските сили навлегоа најдлабоко на територијата на Либан од почетокот на копнената операција

Израелските сили навлегоа најдлабоко на територијата на Либан од почетокот на копнената операција

Бејрут, 16 ноември 2024 (МИА) - Израелските копнени сили навлегоа во најдлабокиот дел на либанската територија од почетокот на копнената операција пред шест недели, пред да се повлечат денеска по судирите со членовите на милитантната група Хезболах, објавија либанските државни медиуми.

Израелските војници зазедоа стратешки рид во јужното либанско село Чама, на околу пет километри од израелската граница, објавија либанските медиуми. Војниците подоцна се повлекле.

Израелските војници го кренале во воздух храмот на пророкот Шимон во Чама, како и неколку куќи пред да се повлечат, но оваа информација не може да се потврди.

Израел однапред ги предупреди жителите да се евакуираат. Во моментов нема извештаи за евентуални жртви.

Над 3.400 луѓе загинаа во израелски оган во Либан, од кои 80 отсто во последните осум недели, соопшти либанското Министерство за здравство.

На 1 октомври, Израел започна, како што соопштија израелските одбранбени сили, „ограничена и насочена“ копнена операција во јужен Либан против Хезболах.

Целта на Израел е да го истисне Хезболах од пограничните области за да можат безбедно да се вратат дома десетици илјади Израелци евакуирани од своите домови на северот на Израел. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан