Израелската војска ја прошири копнената операција на Газа во Рафа
- Израелската војска започна копнена офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, распоредувајќи трупи неколку часа во една од областите на градот.

Тел Авив, 20 март 2025 (МИА) - Израелската војска започна копнена офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, распоредувајќи трупи неколку часа во една од областите на градот.
Војниците ја уништија инфраструктурата на терористичките групи за време на операцијата, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ).
Копнените напади продолжуваат и на северот и центарот на Газа.
Според претходните извештаи на ИДФ, нападите се насочени кон објектите и персоналот на Хамас и палестинскиот исламски џихад. Двете групи се означени како терористички организации од Израел, САД и Европската унија.
Тековната офанзива има за цел да го зголеми притисокот врз Хамас и да обезбеди ослободување на преостанатите заложници киднапирани од Хамас и други палестински милитанти за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац одобри натамошни воени операции во Газа.
-Веќе гледаме дека воениот притисок влијае на позицијата на Хамас, рече Кац за време на состанокот со шефот на ИДФ, Ејал Замир. „Нема да застанеме додека заложниците не бидат ослободени“, рече тој. мс/
фото: МИА архива