• среда, 18 декември 2024

Израелската армија го потврди нападот врз командант на Хезболах во Либан

Израелската армија го потврди нападот врз командант на Хезболах во Либан

Бејрут, 8 февруари 2024 (МИА) – Израелската армија вечерва потврди дека извршила воздушен напад во јужен Либан против командант на проиранскиот Хезболах, кој го поддржува палестинскиот Хамас во војната против Израел, пренесе Бета.

Претходно вечерва, извор од либанските безбедносни сили изјави дека воен функционер на Хезболах е тешко ранет во воздушен напад врз неговото возило во Набатие, јужен Либан, и дека е рането и едно лице кое било со него.

Цел бил командант на Хезболах вклучен во неколку напади во северен Израел во близина на границата со Либан, изјави портпаролот на израелската војска.

Градот Набатие е релативно далеку од границата и е поштеден од секојдневните прекугранични судири меѓу израелската армија и Хезболах.

Либанската национална новинска агенција ННА јави дека израелски дрон истрелал проектил на источниот влез на Набатие околу 16 часот, и оти погоденото возило се запалило.

Хезболах соопшти дека во знак на одмазда ја гаѓал базата за воздушна контрола Мерон со проектили Фалак.

Од нападот на Хамас на 7 октомври во јужен Израел кој ја предизвика војната во Газа, Хезболах ги напаѓа израелските воени позиции на границата како поддршка на палестинската исламистичка организација.

Израел одговара со напади врз цели во јужен Либан, а израелски дронови ги напаѓаат борците на Хезболах. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан