• среда, 27 ноември 2024

Изнесени докази од обвинителството за предметот „Шпански скали“, судењето продолжува на 11 мај

Изнесени докази од обвинителството за предметот „Шпански скали“, судењето продолжува на 11 мај
Скопје, 20 април 2021 (МИА) - Докази во кои од страна на обвинетите во предметот „Шпански скали" се потпишани документи, врз кои обвинителството го темели обвинението, а се однесуваат на злоупотребата на службената должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје, беа изнесени денеска, на рочиштето за предметот во кој се обвинети поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и десетина други, меѓу кои службеници, нотари и вработени во државни институции. Обвинителката Ивана Трајчева, на денешната расправа, изнесе докази меѓу кои се најдоа мислења, барања, потврди, договори, известувања и предмети на кои стојат потписите на обвинетите кои се товарат за злоупотреба на службената должност. За дел од доказите, обвинителката образложи дека се гледаат разликите на она што е запишано во солемизацијата и на она во анексот, а кои разлики, според обвинителството, се отсликуваат на реалниот товар. При изнесувањето на доказите обвинителката ги читаше доказите со реден број и наслов, при што одбраната побара од судот истите да се подробно објаснети. Судот го одби ваквото барање, образложувајќи дека во целост е запазен начинот на изведување на доказите и презентација на истите. Во случајот „Шпански скали“, покрај ексминистерот Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска - Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, а едно од лицата е обвинето за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата. При спроведувањето на истражната постапка е утврдено дека првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на Р.М, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист. Ова, според обвинението, ја чинело државата 2,6 милиони евра. Доказите кои беа денеска изнесени се однесуваат на предметен договор склучен помеѓу Министерството за транспорт и врски и правното лице Амадеус Груп ДОО Скопје. Застапник на обвинението е обвинителот Ивана Трајчева, а случајот го води судијата Владимир Туфегџиќ. Расправата за овој предмет продолжува со изнесување на докази од обвинителството на 11 мај. ар/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан