• среда, 27 ноември 2024

Изложба на слики на Владимир Илиевски

Изложба на слики на Владимир Илиевски
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Во галеријата МКЦ вечерва ќе биде отворена изложбата на Владимир Илиевски, на која ќе бидат претставени нова серија слики кои се доближуваат до она што може да биде сон, а не е. Како што посочува авторот на моменти неговоте дела се сосема обично чекање под црвеното светло од семафорот или држење вазна со цвеќе, а некаде е јавање низ облаци или лежење под планина која лебди. - Всушност, вака почна: Излегов да прошетам по новата планета која ја открив. Онаа на која никогаш не ни бев. Се напив од синото искривено шише вино кое стоеше позади задната нога на белиот коњ. Чудно е, бидејќи белиот коњ не беше отсекогаш бел. Претходно беше кафеав. А сега пред главата имаше нешто сино. Што е тоа синото? Камо да знаев. Над него, како и обично, имаше клавијатура која се протегаше од мене до црвените дрвја што личеа на шеќерна волна направена од облак измешан со шлаг за торта. Никогаш не сфатив зошто таа рака го притискаше дрвото толку силно. Не можеше ли да чуе со увото кое не се ни гледа. Прекрасна ноќ како и секоја друга, силно затемнета од светлината на месечината. Таа гледаше сѐ. Фрли еден зрак темнина и на моето рамо онаму каде што стоеше пеперутката. Токму тогаш јас не постоев. Очите на тилот ми беа само за да ја видам пеперутката. Но не ја видов. Се претвори во гасеница. Сето ова беше толку обично и досадно, посочува авторот. Владимир Илиевски е роден во 1989 година во Скопје. Во 2012 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Катедрата за сликарство. Од 2012 до 2022 реализирал дванаесет самостојни изложби во Скопје, Охрид, Делчево, Струмица, Ботевград (Бугарија) и Нови Сад (Србија). Тој учествувал и на повеќе групни изложби во земјава и странство. Автор е и на два мурали, во Скопје и во Струмица. Учествувал на десетина ликовни колонии во земјава – во Охрид, Струга, Струмица и Велес, но и во БиХ, Бугарија и Србија. Илиевски е добитник е на седум национални награди. Од 2012 година е член на ДЛУМ, а од 2022 и на ДЛУБ. сп/

Остани поврзан