• среда, 25 декември 2024

Изложба на модни дизајни инспирирани од францускиот писател Молиер

Изложба на модни дизајни инспирирани од францускиот писател Молиер

Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) - Под мотото „Ние сме УКИМ, ние сме едно семејство“ вечер во главниот хол на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје ќе бидат презентирани модни дизајни на студентите од Технолошко-металуршки факултет - Институт за дизајн и инженеринг на облека.

Изложбата на дизајни е насловена „МОЛИВЕРЗУМ/MOLIVERS“, а се реализира во соработка со Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ во Скопје и Францускиот институт во Скопје.

-Оваа изложба е остварување на првата фаза од еден амбициозен и обемен проект, чијшто добитник и носител е Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, по објавениот интерен конкурс за распределба на средства за културни, спортски активности и други манифестации на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, за оваа година, соопштија организаторите. 

Втората фаза вклучува наградно патување на студентите и нивна изложба/инсталација во Париз. Третата фаза ќе биде презентација и декорирање на излогот на Францускиот институт во Скопје.

Целокупната реализација на проектот е под менторство на професорките Лидија Георгиева, Ирина Бабамова и Снежана Петрова.

За инспирација во креирањето на модните дизајни, студентите го земаа големиот француски писател Молиер. Годинава, се одбележуваат 400 години од раѓањето на Молиер.

-Читајќи ги Тартиф, Мизантроп или Дон Жуан, согледавме дека светогледот на Молиер е актуелен и денес во нашиот универзум/метаверзум. Тоа нè охрабри да замислиме како би изгледале неговите ликови денес, со користење на модерната технологија, а со тоа на еден оригинален начин да го одбележиме и јубилејот од неговото раѓање, вели професорката Георгиева.

Во рамки на настанот, од фондот на НУБ ќе бидат изложени и две витрини со избор од творештвото на Молиер. мд/бак/

Остани поврзан