Изложба „Млади уметници“ во Куманово
- Изложбата на традиционалната и дигиталната графика „Млади уметници“ вечер ќе биде отворена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, соопштија денеска од установата.

Куманово, 23 септември 2022 (МИА) - Изложбата на традиционалната и дигиталната графика „Млади уметници“ вечер ќе биде отворена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, соопштија денеска од установата.
Отворањето е закажано за 19:30 часот, а кумановци ќе имаат можност да проследат триесетина дела изработени од осум дипломирани уметници од Факултетот за ликовна уметност од Скопје.
- Осумте дипломирани уметници на Факултетот за ликовни уметности во Скопје се претставуваат првпат со нивната заедничка изложба надвор од рамки на факултетските изложби, со своите дела од дипломскиот труд. Секој од нив има посебен пристап при изработката на графиките, при визуелната интерпретација на самата графика и веќе се забележува личен графички израз кој веројатно во иднина ќе го надоградуваат. Ги поканувам заинтересираните да ја проследат изложбата, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметност од НУЦК „Трајко Прокопиев“.
