• сабота, 23 ноември 2024

Изложба „Го сакам Охрид...ама го љубим и Тетоо“ на Ѓоко Симјаноски во Тетово

Изложба „Го сакам Охрид...ама го љубим и Тетоо“ на Ѓоко Симјаноски во Тетово

Тетово, 25 мај 2023 (МИА) - Ликовната изложба „Го сакам Охрид...ама го љубим и Тетоо“ на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски ќе биде поставена утре, петок 26 мај, во Музеј на тетовски крај, поранешен Дом АРМ, со почеток во 19 часот. Станува збор за целина од 45 охридски и тетовски мотиви, во сув пастел. Петнасетина слики го претставуаат Тетово, а триесетина слики се посветени на Охрид. 

-Оваа изложба претставува навидум обична ликовна приказна за дражот на Охрид, балканскиот Ерусалим и Тетово, „мау Париз“. Свеж потсетник за нашите ридести градови во кои се опеани песните за Билјана и Трпана, но и за не толку забележаното наследство околу нас, кое е сè помалку присутно. Низ своја призма сакам да ги претставам убавините на Тетово и Охрид, градовите кои го одбележуваат мојот живот, понудувајќи една поинаква димензија на автентичното архитектонско наследство и природата околу која гравитираат овие импозантни зданија, дел и веќе непостоечки, најави авторот Ѓоко Симјаноски. 

Авторот е роден во Скопје во 1947 година, a oсновното образование го стекнал во Охрид, Тетово, с. Вруток и Гостивар. Средно техничко училиште, електро насока, завршил во Скопје. Високата техничка школа, електро насока, ја завршил во Битола.

Освен во струката како електроинженер, како надворешен соработник работел во медуимите, поточно во Радио Охрид (над 32 години) и Телевизија ТВМ Охрид.

Во 1997 година има поставено прва самостојна изложба во Охрид, под насловот „Охрид, Охрид, Охрид убав мил“, како и истата година во Кичево – со насловот „Охридски мотиви“. Оваа година, во февруари во Охрид ја има поставено самостојната изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд“, претставувајќи ги златните години и омилените актери од Холивуд.

Има учествувано на голем број на ликовни колонии и групни изложби. Активен член  е на фото - клуб „Охрид“ веќе 10 години, со учество на сите годишни изложби на клубот. ас/aa/

фото МИА 

 

Остани поврзан