• сабота, 23 ноември 2024

Изет Зеќири нов ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“

Изет Зеќири нов ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“
Скопје 26 април 2022 (МИА) - Досегашниот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, Азиз Положани денеска ја предаде должноста на неговиот наследник Изет Зеќири на церемонија на која, меѓу другите, присуствуваа и министерите за образование и наука и за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири и Адмирим Алити. Министерот Шаќири потенцираше дека со отворањето на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во 2016 година се реализираше уште една голема идеја во рамки на заложбите за унапредување и проширување на можностите за едукација на сите граѓани, особено на албанската популација во земјата, но и во регионот, затоа што овој Универзитет сé повеќе станува избор и на студенти од околните држави. - УМТ дава голем придонес кон реализација и унапредување на високообразовната и научно-истражувачката дејност. Веќе создава академски генерации кои се потврдува дека се добро подготвени и успешно се интегрираат во функционирањето на општествените системи, но и се предводници на промените кон подобро, нагласи министерот Шаќири Тој додаде дека имал неколку средби со универзитетите за разгледување на можностите и потребите кои постојат за поголема финансиска поддршка за академските кадри во врска со истражувањата. На новинарското прашање кога би можело да се очекува започнување на изградбата на кампусот на универзитетот „Мајка Тереза“, Шаќири нагласи дека е постигнато многу во таа насока и од страна на Владата и од страна на Универзитетот и дека се останати само административни процедури. - Наскоро се очекува административните процедури да бидат комплетирани и во текот на 2022 година ќе почнеме со изградба на комплексот на Универзитетот „Мајка Тереза“, додаде Шаќири. Сега веќе поранешен ректор на Универзитетот, Азиз Положани, изрази задоволство за добивањето дозвола за адаптирање на еден објект кој ќе започне уште од оваа година. - Конечно добивме дозвола за адаптација на еден објект, на кој, како што кажа и министерот, уште оваа година ќе се изврши адапатацијата и со ова ќе има големо олеснување на инфраструктурните потреби на Универзитетот, како и во квалитетот на наставата, затоа што квалитетот зависи и од инфраструктурните услови, нагласи Положани и додаде дека откако се одземени земјиштето и објектот сега ќе може да почне процедурата за изградба на универзитетскиот кампус. Новиот ректор Изет Зеќири потенцираше дека ќе се обиде на ефикасен начин да го менаџира Универзитетот за да го достигне своето елитно ниво во Скопје. - Ќе работам многу за подобрување на условите за студирање, особено во градежната инфраструктура и создавање на услови за студентите. Ќе работиме за зголемувањето на нивото на квалитетот на наставата, на администрацијата и на службите, истакна Зеќири. На новинарско прашање за влијанието на постојниот објект на квалитетот на наставата тој рече дека Универзитетот нема објективни проблеми во однос на инфраструктурата, но дека претворањето на касарната Илинден во кампус на Универзитетот е исто така и негов приоритет. Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, исто така ја потврди поддршката на Владата за новиот кампус на Универзитетот, како и за зголемување на квалитетот на наставата и на истражувањата. сх/сп/

Остани поврзан