• вторник, 24 декември 2024

Известувач на ОН: Иран можеби извршил злосторства против човештвото

Известувач на ОН: Иран можеби извршил злосторства против човештвото

Женева, 20 март 2023 (МИА) - Иранските власти потенцијално извршиле злосторства против човештвото во последните месеци, изјави денеска експерт од Советот за човекови права на Обединетите нации, наведувајќи случаи на убиства, притвори, исчезнувања, тортура, силување, сексуално насилство и кривично гонење.

Говорејќи пред Советот со седиште во Женева, британско-пакистанскиот адвокат Џаваид Реман, назначен за специјален известувач за човекови права во Иран, рече дека има докази дека Махса Амини починала „како резултат на тепање од страна на државната полиција за морал“. Смртта на Амини, која почина во притвор од кога беше приведена поради неправилно носење на шамијата, предизвика масовни протести во Иран.

Иранските власти тврдат дека обдукцијата покажала дека Амини починала од претходно постоечки здравствени проблеми, а не од удари во главата и екстремитетите.

Реман посочи дека обемот и тежината на злосторствата извршени од властите за време на задушувањето на протестите предизвикани од случајот Амини „укажуваат на можно извршување на меѓународни злосторства, особено на злосторства против човештвото“.

Тој изрази огорченост поради егзекуцијата на најмалку четири лица поврзани со протестите и рече дека од јануари оваа година во Иран се егзекутирани вкупно 143 лица, после „многу нефер судења“.

Амбасадорот на Иран во Советот, Али Бахреини, рече дека обвинувањата се измислени и дека Иран е намерна цел на тоа тело. ссм/

Остани поврзан