• среда, 27 ноември 2024

Избран брачниот пар за 16-тото издание на Пијанечко-малешевската свадба

Избран брачниот пар за 16-тото издание на Пијанечко-малешевската свадба
Делчево, 30 мај 2022 (МИА) - Избран е шеснаесеттиот брачен пар на Пијанечко-малешевската свадба. На конкурсот од претходно пријавени пет брачни пара, честа да бидат носители на манифестацијата им припадна на младоженците Горанчо Костадинов и Елеонора Мирчовска, информираа од Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев", кои се организатори на настанот.
- Конкурсот траеше 30 дена. Имавме пет пријавени брачни парови, од кои оваа година ги избравме младоженецот Горанчо Костадинов (34), кој по потекло е од селото Истевник, и невестата Елеонора Мирчовска (26) од селото Русиново, Пијанечко-малешевски регион, кои моментално се на привремена работа во Австрија. Младоженците ќе бидат промовирани во рамките на Манифестацијата „Делчево фест“ 2022 - 46-ти Меѓународен музички фолклорен фестивал и 16-та Пијанечко-малешевска свадба во функција на туристичка понуда на регионот, информираа од КУД „Гоце Делчев”.
Целта на „Делчево фест“ фестивалот, како што додаде самостојниот уметник и кореограф во КУД „Гоце Делчев" Зенил Реџепов, е да се презентира и шири македонската духовна култура и традиција, но и запознавање со други култури и традиции, негување на фолклорот, како и збогатување на туристичката понуда во Пијанечко-малешевскиот регион.
- Придружната манифестација Пијанечко-малешевска свадба во функција на туристичка понуда на регионот има за цел да ја оживее и зачува свадбената традиција, што се практикувала во дамнешните времиња. Тука пред сè се мисли на обичаите и песните во овој регион кои се мошне специфични и интересни од фолклорен и етнолошки аспект. На овогодишната манифестација/фестивал ќе настапат 15 друштва од Македонија и 5 странски друштва, а главни личности на промоцијата ќе бидат Горанчо и Елеонора, рече Реџепов.
Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ манифестацијата ја организира во соработка со соседните општини и здруженија од областа на културата. Покровител на „Делчево фест“ е градоначалникот на Општина Делчево, а поддржувач Министерство за култура на Република Северна Македонија.
Програмата на „Делчево фест“, што е дел од Националната програма за 2022 година на Министерство за култура, се имплементира десет месеци почнувајќи од јануари, а главната имплементација ќе се одржи на 10 септември годинава, на Главниот плоштад во Делчево – летна сцена во градскиот парк. вс/бт/

Остани поврзан