• вторник, 26 ноември 2024

Избор на три најкреативни решенија од конкурсот за дизајнирање „Пензиски парк“

Избор на три најкреативни решенија од конкурсот за дизајнирање „Пензиски парк“
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, која почна во октомври 2021, денеска ќе го одбележи крајот на активностите за оваа година со избор на три најкреативни решенија за дизајнирање „Пензиски парк“. На Конкурсот, кој беше отворен на 21 септември, беа повикани студентите од Архитектонскиот факултет и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“  да дизајнираат зелен простор со имагинарна површина од 5000 квадратни метри во кој корисниците ќе може да го поминуваат своето слободно време за релаксација и социјализација. Предложените решенија треба да содржат садници од даб, црвена слива, горски и шарен јавор, како и урбана опрема која ќе ги задоволи потребите на корисниците. Доставените цртежи од студентите ќе бидат изложени денеска во холот на Архитектонскиот факултет во Скопје, а жири-комисијата ќе ги избере  победниците на конкурсот. Трите најкреативни концепти ќе бидат наградени со таблети за цртање што ќе ги доделат  пензиските друштва Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје. Целта е да се  поттикнат студентите да креираат што повеќе вакви општествено одговорни проекти. Од пензиските друштва наведуваат дека од самиот почеток на кампањата се трудат едукацијата за пензиските фондови и обезбедувањето поубава иднина да ја изведат со што е можно поголема вклученост на младите и среќни се што успеале во тоа. -Покрај активното учество на средношколците во садењето и одржувањето на „Пензиските паркови“, одлучивме да ги вклучиме и студентите кои можат уште повеќе да придонесат со креирање концепти за поголем зелен простор кој ќе биде од корист за сите нас. Во оваа фаза зборуваме за организација на имагинарна површина, која во иднина ќе се обидеме да ја претвориме во убава реалност, велат од пензиските друштва. хс/нд/      

Остани поврзан