Ивановски: Седумгодишен застој во изградбата на државната инфраструктура
- Соопштение: Македонија сведочи 7 годишен застој во изградбата на државната инфраструктура. Владата предводена од ДУИ и СДСМ не изградија ниеден километар автопат, не донесоа водоводи и канализации до граѓаните, никогаш не било полошо. По изборната победа ВМРО-ДПМНЕ силно ќе се посвети на изградбата на државната инфраструктура. Најнапред:
19 февруари 2024
Почитувани,
Македонија сведочи 7 годишен застој во изградбата на државната инфраструктура. Владата предводена од ДУИ и СДСМ не изградија ниеден километар автопат, не донесоа водоводи и канализации до граѓаните, никогаш не било полошо. По изборната победа ВМРО-ДПМНЕ силно ќе се посвети на изградбата на државната инфраструктура. Најнапред:
1: Ќе ја прекинеме 10 годишната агонија на автопатот Кичево - Охрид и се обврзуваме со силно темпо и ангажираност до крајот на 2026та година да биде пуштен во употреба овој автопат.
2: Ќе го завршиме првиот дел на автопатот Скопје-Блаце до крајот на оваа година и ќе го започнеме и завршиме и вториот дел од овој автопат од 10,5км до крајот на нашиот мандат. Со тоа Скопје автопатски ќе го поврземе со граница на Косово.
3: ВМРО - ДПМНЕ ќе се обиде да го оптимизира веќе склучениот штетен договор со Бехтел и Енка, да ги минимизира сите трошоците за изградба на коридорите 8 и 10Д (односно автопатите, Тетово - Гостивар, , делот од автопатот Гостивар – Букојчани према Кичево, Прилеп - Битола, Требеништа – Струга кон Ќафасан.)
4: Завршување на експресниот пат од Градско преку Росоман до Прилеп.
5: Завршување на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка.
6: Ќе го започнеме проектирањето на експресниот пат од Струмица до Ново село, односно до граничен премин Ново Село
7: Ќе започнеме проектирањето на автопат од Велес преку Чашка па до Прилеп
8: Започнување со изградба на експресниот пат од Битола до Меџитлија, и ќе го унапредиме инфраструктурно поврзување на Пелагонискиот регион.
Низ територијата на цела Македонија ќе извршиме огромен број на рехабилитации на патни делници, согласно нивниот степен на оштетеност и итност.
Ќе ги модернизираме патиштата и ќе ја зголемиме безбедноста на патиштата низ Македонија.
Затоа што техниките и алатките кои се користат во Македонија се со навистина застарени методи.
Ќе инвестираме 250 милиони евра директно во општините низ Македонија, ќе се помогне на буквално секоја општина низ државата преку изградба на локални улици, нови водоводи и канализации. Недозволиво е во 2024та година добар дел од населението на Македонија да нема пристојна инфраструктурна мрежа до своето живеалиште. Оваа состојба ќе ја промениме.
Состојба во железницата е најлоша во историјата на македонските железници. Владата на СДСМ за прв пат во историјата ги укина сите меѓународните линии, а неодамна ги укина и линиите кон Кичево, Куманово, Кочани. Ние повторно ќе ги вратиме овие линии во функција. Ќе инвестираме и во рехабилитација и реконструкција на железничка инфраструктура која во овој момент се наоѓа во очајно тешка состојба, а тоа е се благодарение на инертноста и неодржувањето од страна на оваа влада.
Во делот на урбанизмот и градежништвото ќе направиме комплетни системски реформи со кои комплетно ќе ја реформираме оваа област. Како проект ќе го наведам урбанизмот во втора фаза.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пред 10 години го креираше и го стави во функција системот е-урбанизам преку кој се овозможува по електронски пат донесување на Урбанистичките планови. Веднаш по формирањето на новата Влада, ќе се донесе нов закон за Урбанистичко планирање со кој најнапред законски ќе се задолжат сите институции да ги дигитализираат и стандардизираат своите податоци и бесплатно преку сервери да ги направат достапни на новиот владин геопортал за урбанизам и просторно планирање. Во порталот ќе бидат дигитализирани и хармонизирани сите важечки Урбанистички планови од цела држава.
БИМ технологијата односно (Building Information Modeling) тоа е Воспоставување на стандардизација при изготвување на документацијата за добивање на дозволи за градба со помош на иновативна софтверска платформа за автоматска проверка. Новата Влада ќе воведе БИМ технологија со која се решаваат наталожените проблеми со проектирањето, брзината, квалитет на градење како и пробивање на буџетите. Најоптималните трошоци за одржување на зградите итн.
Почитувани,
Ова се само дел од проектите од платформата за иднина со која Македонија ќе престане да нижи порази, ќе ја размрда економијата и ќе обезбеди иднина за граѓаните.
Прес-конференција на Синиша Ивановски, претседател на Комисија на ВМРО-ДПМНЕ за инфраструктура, урбанизам и транспорт
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ