• понеделник, 23 декември 2024

Ивановска: Ги охрабрувам граѓаните да пријават корупција, но и да го почитуваат Законот за укажувачи

Ивановска: Ги охрабрувам граѓаните да пријават корупција, но и да го почитуваат Законот за укажувачи
Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Во јавноста се прави забуна меѓу оставка од морален аспект и професионална одговорност. Можеби затоа оставката на министерот за здравство, Венко Филипче ни се чини задоцнета, меѓутоа е понудена и треба да се прифати, изјави Биљана Ивановска, директорката на Државна комисија за спречување на корупцијата во Утрински Брифинг. Во однос на локалните избори, како што истакна Ивановска, ДКСК е подготвена. Во функција е веб-апликација за пријавување на нерегуларности, како и апликација од регистарот на службени возила, со која се набљудува нивната злоупотреба. -Имаме обезбедено набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во неколку градови. Првпат оваа година имаме тројца аналитичари, економисти кои ќе ги сумираат резултатите од набљудувачите, појасни таа. Ивановска изјави дека во рамки на ИПА проект обезбедена е програма, преку која граѓаните ќе можат да пријават корупција. -Голем дел од граѓаните, на анкетни прашања одговорија дека корупцијата е препознатлива и луѓето не сакаат да ја има. Но, многу мал процент од луѓето би се охрабриле да пријават, додаде Ивановска и ги охрабри сите кои имаат свои забелешки да пријават, но и да се придржуваат до Законот за укажувачи. Таа додаде дека потребна е соработка и со Народниот правобранител, Министерството за внатрешни работи, со цел да биде овозможено дискретен начин на пријава. Директорката на ДКСК наведе дека Комисијата работи и на организирање дебати за општествени теми. Досега се спроведени две дебати за урбанизам и Законот за дивоградби, а втората за состојбите во правосудниот систем. -Третата дебата е за животна средина, а првиот дел е за отпадот. Животната средина е најважна, тоа е дел од нашата национална стратегија за борба против корупција, објаснува Ивановска. Таа најави дека ДКСК ќе ја следи состојбата со тоа како се создава отпадот, зошто не функционираат институциите и дали има потреба од антикорупциска проверка на легислативите. -Работевме на еден предмет за депонијата во Визбегово, каде што бевме сведоци дека се потплатуваат одредени структури што треба да бидат одговорни да нема депонија, но се носел отпад од Косово, појасни директорката на ДКСК. Според Ивановска, потребно е да се инвестира во дронови, преку коишто ќе може да следат кој ја загадува околината и веднаш да биде санкциониран.ки/лв/

Остани поврзан