Ибрахимовиќ пред реваншот со Феенорд: Овој натпревар е како финале за Милан
- Милан во реваншот против Феенорд во плејоф рундата од Лигата на шампионите влегува со гол негатива и на реваншот ќе му пристапи како да е финале, изјави директорот на клубот, Златан Ибрахимовиќ.

Милано, 17 февруари 2025 (МИА) - Милан во реваншот против Феенорд во плејоф рундата од Лигата на шампионите влегува со гол негатива и на реваншот ќе му пристапи како да е финале, изјави директорот на клубот, Златан Ибрахимовиќ.
Ибрахимовиќ го смени тренерот Серхио Консеиао на прес-конференцијата пред натпреварот додека тренерот патуваше за Португалија, каде присуствуваше на погребот на поранешниот претседател на Порто, Пинто да Коста.
Милан го загуби првиот натпревар од нокаут фазата на гостински терен со 0-1, но се надева дека ќе го сврти натпреварот пред домашната публика на Сан Сиро.
-Момците треба да покажат карактер, да влезат во натпреварот фокусирани, агресивни и посветени. Важно е да играме добро, но поважно е да победуваме. Губиме со гол, треба да постигнеме резултат за да продолжиме понатаму. Секој треба да му помогне на соиграчот и да го натера да се концентрира. Ова е тимска игра, но важни се и индивидуалните потези. Дури и оние на клупата се важни, сè е поврзано со тимот. Тоа е она што прави колектив и тим, рече Ибрахимовиќ.
Легендарниот напаѓач верува дека навивачите на Милан можат да играат витална улога со нивната поддршка.
-За утре нашите навивачи се важни, на првиот натпревар навивачите на Феенорд одиграа главна улога во нивната победа во Ротердам. Но, уверен сум дека утре со 80.000 навивачи на Милан на стадионот и оние ширум светот, ќе му дадат максимална поддршка на тимот, кој потоа ќе треба да ја искористи оваа енергија за да се справи најдобро што е можно, додаде Ибрахимовиќ. дс
Фото: Архива