Ибраим ги повика граѓаните на Жупа на единство и заедничка победа
- Кандидатот за градоначалник на Центар Жупа, Аријан Ибраим, од Турската демократска партија, ги повика граѓаните на единство, кое „ќе донесе голема заедничка победа“.
Дебар, 6 август 2022 (МИА) – Кандидатот за градоначалник на Центар Жупа, Аријан Ибраим, од Турската демократска партија, ги повика граѓаните на единство, кое „ќе донесе голема заедничка победа“.
-Да бидеме заедно на прославата на големата победа на 20 август. Победниците пишуваат историја. Победата е заедничка како и нашата иднина! Најпрвин, се молам нашите печалбари здрави и живи да пристигнат во родниот крај. Да ни е вечна општината, напиша Ибраим на Фејсбук.
Тој е единствен кандидат на вторите повторени избори за градоначалник а довербата на граѓаните ја бара третпат.
Роден 1972 година, основно образование завршил во Центар Жупа, средно медицинско училиште во Тетово. Дипломирал на Економскиот факултет на државниот универзитет во Афјон, Република Турција, а магистрирал на Универзитетот во Истанбул, насока меѓународно право. Како наставник во родната Жупа, работел две години, а по неколку години работа во Италија се враќа, работи како раководител на правно-финансиско одделение во Општина Центар Жупа, но и активно почнува да се занимава со политика. Оженет е и е татко на три деца.
Првиот мандат го доби на локалните избори во 2013 а вториот четири години подоцна. На локалните избори во октомври минатата но и на повторените во април годинава освои околу 80 отсто од гласовите, но поради необезбедениот цензус од 33,33 од вкупното гласачко тело изборите се повторуваат.
На 20 август на 16 избирачки места правото на глас треба да го остварат 7.154 лица. вт/ки/