• среда, 27 ноември 2024

Ибраими: Премиерот да побара експертска истрага од ЕУ за судските случаи за кои постои сомнеж за политичко влијание

Ибраими: Премиерот да побара експертска истрага од ЕУ за судските случаи за кои постои сомнеж за политичко влијание

Скопје, 17 февруари 2023 (МИА) - Алтернатива бара од премиерот Димитар Ковачевски да испрати писмо до Европската комисија со кое ќе побара тим од независни експерти да извршат меѓународна истрага на процеси за кои, според партијата, постои сомнеж дека било вршено политичко влијание, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“, изјави денеска партискиот генерален секретар, Зеќирија Ибраими.

- Повод за денешната прес-конференција е вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека до Европската комисија ќе процесира писмото за монтираните случаи, што беше втора точка од договорот потпишан помеѓу претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, а прифатена и од актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Како што јавноста знае, веднаш по точката за европската интеграција во тој договор е ставена и точката дека Владата ќе испрати официјално барање до Европската комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постои сомнеж дека било вршено политичко влијание, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“, рече Ибраими, додавајќи дека партијата нема не дозволи никој „да си поигрува со тоа прашање на штета на луѓето кои лежат по затвори, на нивните  семејства, но и на сите граѓани“.

Тој изјави дека по одлуката за старт на преговорите за членство во ЕУ во јули 2022 година, согласност меѓупартискиот договор, Алтернатива на 24 август 2022 година до премиерот Ковачевски доставила писмото што требало да биде испратена до Европската комисија.

- Сепак, тој се правдаше со некои технички процедури, се додека по наше инсистирање дека ако не биде испратено писмото нема да има мнозинство, на 6 декември 2022 година вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ му го врати писмото на претседателот Гаши со некои забелешки, околу објаснувањата за секој случај посебно, бидејќи ние сме ги опишале сите случаи. Откако ги примивме, видовме дека забелешките се околу објаснувањата и дека барањето како такво останува. Токму тој ден го вративме, со наше согласност дека писмото може да оди. И ете денес сме 17 февруари 2023 година, а писмото уште не е поминато на Влада и не е пратено до Европската комисија, рече Ибраими.

Генералниот секретар на Алтернатива го повика премиерот да го испрати писмото до Европската комисија и нека ги припише заслугите за тоа на кого било, иако тој самиот е автор на писмото.

- Пратете го писмото до Европската комисија и припишети си ги заслугите, а ние ќе ви аплаудираме. Само не се шегувајте веќе со оваа тема. За нас поважно е да се заврши работата, отколку тоа кој ги присвои заслугите. Ние не сакаме ниту благодарници, ниту признанија, туку сакаме правда за сите невини луѓе во нашата земја, рече Ибраими.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера потврди дека завчера на средбата со пратеникот Скендер Реџепи - Зејд, кој мината година ја напушти Алтернатива и делува како независен пратеник, разговарале „за одреден број судски случаи“ за кои имало јавна дискусија во однос на начинот на кој тие се воделе, но не и во однос на наводна меѓународна ревизија на одредени предмети.

- Јас во ниту еден случај не сум се мешал во одлуките на правосудството, ниту пак тоа ќе го правам, ниту пак ќе бидат консултирани правосудни странски органи. Единствено нешто што може да се направи е до Европската делегација да се испрати писмо за одредени случаи дали тие би имале начин да направат одреден мониторинг врз тоа како тие случаи се водени. Доколку има таква можност тогаш тие можат тоа да го направат во рамки на директивите на ЕУ. Доколку не, ќе одговорат. Сепак, писмото единствено има намера да докаже пред сите дека ние имаме правосудни органи кои што функционираат независно. Тоа се потврдува и денес со пресудата на Европскиот суд за човековите права, порача Ковачевски на новинарско прашање. фф/сп/

 

Остани поврзан