• понеделник, 16 декември 2024

Зурабишвили: Протестите на прозападните Грузијци „немаат знаци на запирање“

Зурабишвили: Протестите на прозападните Грузијци „немаат знаци на запирање“

Тбилиси, 2 декември 2024 (МИА) - Грузиската прозападна претседателка Саломе Зурабишвили денеска изјави дека протестите на проевропските граѓани „не покажуваат знаци на запирање“ во оваа кавкаска земја. Грузија е потресена од секојдневни антивладини демонстрации од минатата недела.

-Уште една импресивна ноќ во која Грузијците цврсто го бранеа својот устав и својот европски избор, напиша Зурабишвили на социјалната мрежа „Х“, споделувајќи фотографии од синоќешните демонстрации. „Одлучноста на демонстрантите не покажува знаци на запирање“, увери претседателката, која е во опозиција на владата, но има многу ограничени овластувања.

Партијата Грузиски сон, која е на власт од 2012 година во четвртокот предизвика нов бран протести по објавата дека ги одложува преговорите за членство во ЕУ до 2028 година.

Оваа цел е толку важна за Грузија што е вградена во уставот на поранешната советска република.

Синоќа, четврта ноќ по ред, демонстрантите се собраа веејќи европски знамиња и пеејќи ја националната химна до доцна во ноќта во главниот град Тбилиси и во други градови. Тие беа растерани со водени топови и солзавец од полицијата.

Утринава, Министерството за внатрешни работи соопшти дека 21 полицаец биле повредени, од кои некои „сериозно“, за време на демонстрациите и судирите претходниот ден.

Вкупно 224 лица се уапсени од почетокот на протестите минатата недела, додаде грузиското министерство. Грузија доби официјален кандидатски статус за ЕУ ​​во декември 2023 година, но Брисел оттогаш го замрзна процесот, обвинувајќи ја извршната власт дека направи сериозен чекор наназад во однос на демократијата. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан