• вторник, 19 ноември 2024

Зоран Милески - Кичеец доби 30 дневен притвор

Зоран Милески - Кичеец доби 30 дневен притвор
Скопје, 7 септември 2021 (МИА) - По барање на Основното јавно обвинителство Гостивар, на Зоран Милески Кичеец вечерва му е одреден 30 дневен притвор за тешката сообраќајна несреќа во која седум лица беа повредени, а едно го загуби животот. ОЈО Гостивар претходно соопшти дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Според ОЈО Гостивар, на 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. – Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „Мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг“. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ“ кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг“, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди, се наведува во соопштението на ЈО. Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, оштетените и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Во неделата попладне на магистралниот пат Гостивар-Кичево во близнина на гостиварско Ново Село се случи сообраќајна несреќа во која како учесник беше посочен и Зоран Милески, инаку осуден за случајот „Рекет“ на три години. Тој имал прекин во издржување на казната од 30 дена, поради здравствени кардиоваскуларни проблеми, а во затворот во Струга требало да се врати до 8 септември. бк/са/ Фото: МИА архива

Остани поврзан