• сабота, 23 ноември 2024

ЗНМ: Одлуката на Судскиот совет за дисциплинска мерка против судија е потврда за значењето на правото на информирање

ЗНМ: Одлуката на Судскиот совет за дисциплинска мерка против судија е потврда за значењето на правото на информирање

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Судскиот совет на 10 октомври донел дисциплинска мерка јавен укор за судијата Јованка Спировска-Панева, со што потврдил дека таа незаконски и забранила на јавноста да го следи соочувањето на рочиштето помеѓу бизнисменот Кочо Анѓушев и новинарката Сашка Цветковска за случајот „Фероинвест против медиумот ИРЛ".

Ова денеска го соопшти Здружението на новинарите на Македонија кое на 19 октомври минатата година поднесе претставка до Судскиот совет, барајќи одговорност од судијата Спировска-Панева поради тоа што ги спречила новинарите да ги информираат граѓаните за судскиот процес и на тој начин ја исклучила јавноста од рочиштето од тој случај.

Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, на прес-конференција денеска нагласи дека се работи за значајна одлука на Судскиот совет која е „важен чекор за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија“.

Тој ја соопшти одлуката на Судскиот совет во која се истакнува дека: „исклучувањето на јавноста за време на судските рочишта е груба повреда на транспарентноста и правото на информирање, што е од суштинска важност за слободата на медиумите. Оваа постапка на судијата Спировска Панева се смета за сериозна професионална грешка и директен напад врз медиумските слободи во спротивност на Законот за парнична постапка“.

- Оваа одлука е пресвртница за медиумската заедница. Испратена е јасна порака дека слободата на информирање мора да биде заштитена. Истовремено, ова е чекор кон гарантирањето на транспарентноста на судските постапки и дека законите мора да се почитуваат од сите судии... Многу е ретко да се исклучи јавност, тоа е елементарна работа што судијата мора да ја овозможи, не заради новинарите туку самите граѓани да имаат пристап... Можеби за некого ова не е голема работа, но јас сметам дека е, зашто ретко се случува Судскиот совет да има ваков тип на дисциплинска мерка против судија, а речиси никогаш не се случило за постапка во која биле вклучени новинари. И затоа ние не го гледаме ова како една одлука туку го гледаме како принцип, рече Секуловски.

Посочи дека ЗНМ активно учествувало на сите четири расправи пред Комисијата составена од тројца судии, презентирајќи, како што рече, релевантни докази што го потврдуваат неправилното постапување на судијата.

-Одлуката на Судскиот совет покажува дека безбедноста и слободата на новинарите се од суштинско значење за демократските процеси, a транспарентноста на судските власти е неопходна. ЗНМ вложи многу напори во овој случај, и конечната одлука е потврда за значењето на јавниот интерес и правото на информирање од судски рочишта, што треба да биде порака кон сите судии. Освен ова, оваа одлука на Судскиот совет ќе служи како поттик за судските власти во иднина да ја препознаат и заштитат важноста на слободата на изразување и јавниот интерес, рече Секуловски.

Случајот се однесува на сторијата „Заговор против воздухот", објавена на 24 октомври 2023 година од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

-Реакциите по овој случај доведоа до протести од страна на новинарите и медиумските работници, кои јавно го изразија својот револт против неправдите. Исто така, пресудата против ИРЛ, со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар, предизвика бурни реакции од страна на Европската федерација на новинари, додаде извршниот директор на ЗНМ. хс/aa/

Фото: МИА

Остани поврзан