• понеделник, 23 декември 2024

Златна „Камера 300“ за кинематограферите Џевахир Сахин и Курсат Уресин

Златна „Камера 300“ за кинематограферите Џевахир Сахин и Курсат Уресин

Битола, 30 септември 2023 (МИА) - Кинематограферите Џевахир Сахин и Курсат Уресин од Турција се годинешни лауреати на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој синоќа заврши во Битола.

Златната „Камера 300“ на Сахин и Уресин им е доделена за мајсторството кое го покажаа во филмот „За сувите треви“ со што се збогати нивниот личен фонд на награди меѓу кои се наградата за најдобра камера на Филмскиот фестивал во Истанбул, како и три награди на филмскиот фестивал „Златен портокал“ во Анталија.

Со одлука на стручно жири, сребрена „Камера 300“ на сцената во Битола му беше врачена на кинематограферот Ченгма Жијуан, член на кинеското друштво на кинематогарфери, а бронзена „Камера 300“ беше доделена на кинематограферот Паоло Карнера.

Пред спуштањето на филмското платно, на фестивалската сцена во Битола беа доделени награди и специјални признанија за документарен филм, студентска програма и краткометражен филм, кристална и железна „Камера 300“, а меѓу наградените беа и македонските кинематографери Стефан Ѓоргиевски кој доби специјално признание за неговиот придонес во филмот „Мавера“ и Наум Доксевски, кинематографер во филмот „Домаќинство за почетници“.

Според востановената традиција, специјалната златна „Камера 300“ за посебен придонес во филмската уметност која годинава му припадна на Шејмус Мекгарви, ја врачи покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Лауратот Мекгарви во Битола одржа мастер клас, два пати е номиниран за Оскар за најдобра фотографија-кинематографија во филмот „Покајание“ и за филмот „Ана Каренина“. Во својата кариера, Мекгарви е потписник на педесеттина филмови, меѓу кои „Педесет нијанси на сивото“, „Годзила“, „Величествениот шоумен“..., а неговиот најнов филм „Вонка“, каде исто така е кинематографер, премиерно ќе биде прикажан оваа година, во декември. мт/ев/

ФОТО: МИА

Остани поврзан