• сабота, 23 ноември 2024

„Златен објектив“ за аниматорката Тонкица Митровска и композиторот на филмска музика Љупчо Константинов

„Златен објектив“  за аниматорката Тонкица Митровска и композиторот на филмска музика Љупчо Константинов

Скопје, 29 април 2023 (МИА) - Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Управниот одбор на Кинотеката на Република Северна Македонија ги прогласи Тонкица Митровска, аниматорка, и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика – за добитници на наградата „Златен објектив“ за 2023 година.

Признанијата ќе им бидат доделени на посебен настан што Кинотеката ќе го организира во текот на месец мај.

Оваа награда им се доделува на филмските работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Тонкица Митровска (родена 1948 година) е една од првите кои работеле на анимираниот филм во државава. Била вклучена во речиси сите филмови од опусот на „Скопската анимирана школа“, односно Студиото за анимација на „Вардар филм“, формирано во мај 1975 година. Како соработничка или сценографка, работела на повеќе од 20 домашни анимирани филмови.

Љупчо Константинов (роден 1946 година) дипломирал на Музичката академија во Белград. Автор е на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. За музиката за филмот „Среќна нова ‘49“ доби Златна арена во Пула и Бронзена плакета „Милтон Манаки“ во Битола во 1986 година.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ. дма/лв/

Фото: Кинотека на Република Северна Македонија 

 

 

Остани поврзан