• понеделник, 23 декември 2024

Златевски: Сојузот на здруженија на лозари достави барања до Владата и Министерството за земјоделство 

Златевски: Сојузот на здруженија на лозари достави барања до Владата и Министерството за земјоделство 

Кавадарци, 1 октомври 2023 (МИА) - Сојузот на здруженија на лозари, во името на лозарите, достави неколку барања до Владата на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, информираше вечерва Јован Златевски, претседател на Сојузот, по состанокот во Неготино. 

Златевски соопшти дека бараат, под итно да се верифицираат мандати на тројца нивни членови, да бидат дел од потсекторската група за лозарство и овоштарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тие активно да учествуваат при изработката на стратегијата за одржување и развој на лозарството и при донесување на законите за вино, кои бараат да се донесат до крајот на оваа година. 

-Помошта за лозарите оваа година што ја предвиди Владата, поради лошите временски услови, од 12.000,00 денари по хектар, да се зголеми на 20 илјади денари. Оваа помош да важи само за лозјата посадени во 2021 година и претходно, а не и за тие што се подигнати минатата и годинава, рече Златевски.

Меѓу барањата е и тоа, Владата да даде помош од по три денари по килограм за грозје предадено во македонски преработувачки капацитети и во странство, како и да се изнајде стратешки инвеститор за винарската визба „Повардарие", за таа повторно да откупува грозје следната година, како порано. Се бараат и бесплатни стручни советувања, да им се помогне на винарите да набават опрема и да извезуваат флаширано а не наливно вино и да го плаќаат грозјето поскапо на лозарите, или, најмалку 25 отсто, повеќе од производствената цена. 

- Бараме исто така, субвенциите за млади земјоделци до 35 години, од 40 илјади денари по хектар, да се зголемат на шеесет илјади, а цените за вода за наводнување да не се покачуваат за оваа и наредната година, додаде Златевски. свд/ев/

 

Остани поврзан