• среда, 25 декември 2024

Зехофер: Заштитата на границите е легитимна

Зехофер: Заштитата на границите е легитимна

Берлин, 25 октомври 2021 (МИА) - Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер во неделата оцени дека желбата за заштита на границите е „легитимна“, додека европските земји бараат помош од ЕУ за изградба на ѕидови од бодликава жица и спречување на масовното пристигнување на мигрантите.

Полска побара 350 милиони евра и мобилизираше илјадници војници на границата за да изгради ограда на својата граница со Белорусија.
- Се чини легитимно за нас да ја заштитиме надворешната граница (на ЕУ) за да спречиме нелегални преминувања, изјави Зехофер за „Билд“, одговарајќи на прашањето за потребата од оградата, што ја изгради Полска. Илјадници мигранти, претежно од Блискиот Исток, се обидоа да ја преминат границата од август, во миграциски потег за кој ЕУ верува дека Белорусија го охрабрила како одговор на санкциите на Европската унија. Литванија, исто така, започна изградба на ограда од бодликава жица долж границата со Белорусија, а министрите за внатрешни работи од 12 земји (Австрија, Бугарија, Кипар, Данска, Естонија, Грција, Унгарија, Литванија, Латвија, Полска, Чешка и Словачка) и пишаа на 7 октомври на Комисијата, барајќи ЕУ да ја финансира изградбата.
Во петокот, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен одговори дека Европската унија нема да финансира „бодликава жица и ѕидови“ на границите.
Зехофер, исто така, предупреди дека контролите на границите со Полска ќе бидат засилени и дека веќе се распоредени полициски сили од 800 луѓе.
 - Доколку е потребно, подготвен сум дополнително да ги зајакнам, рече тој.
Според германското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на годинава границата меѓу земјата и Полска илегално ја минале околу 5.700 луѓе. паг/
   

Остани поврзан