• сабота, 23 ноември 2024

Зендели: Не наметнуваме датуми и обврски, туку дебата за бришење на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти “

Зендели: Не наметнуваме датуми и обврски, туку дебата за бришење на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти “
Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) – Мислам дека не е добро за демократските односи и кохезивноста за меѓуетничките односи кои во моментов сите ги сметаме дека се добри, една таква формулација да стои во Уставот, ние како Албанци не се чувствуваме добро кога нам ни се наметнува дека сме некој процент, изјави потпретседателот и пратеникот на Движењето Беса, Фадил Зендели. - Не може ништо да се направи со еднострани изјави или настапи, секако дека ова е работа на институциите, на крај ние тука како пратеници ќе треба да одлучиме во моментот кога ќе има таква иницијатива, сите заеднички почитувајќи ги правилата кои ги имаме во самото Собрание. Ние имаме иницијатива и на почетокот мислевме дека треба да го дебатираме помеѓу политичките партии на Албанците во однос на формулацијата во Уставот „20 проценти“ која многу Албанци го сметаат дека не соодветствува со она што се Албанците во Република Северна Македонија, со важноста која ние како заедница го имаме во општеството и како политички партии од опозицијата и власта продинесуваме за демократските вредности и за евроинтеграциските процеси на земјава, рече тој. Зендели смета дека после две декади од Рамковниот договор, согласно духот на тој договор, како што рече, треба да ги унапредиме овие односи и од тоа „20 отсто“ да биде албански јазик. - Тоа не оди на штета на никој. Никого не наштетува, само еднаставно унапредуваме нешто што веќе на некој начин практично функционира во секојдневнието. Ако Албанците продинесуваат во ова општество, во оваа држава во сите демократски процеси и мислам дека сите заедно треба да работиме во однос на оваа прашање. Ако ние како Албанци се чувствуваме потценувачки во однос на ова, дека не соодветствува со она што ние го имаме тука, тогаш секогаш тоа ќе остане отворено прашање. Македонците имаат такви проблеми со соседите и знаат што значи тебе да ти се наметне друга формулација по однос на твојот мајчин јазик и ние овие 20 години не се чувствуваме убаво кога ни се наметнува тоа „20 отсто“ и едноставно сакаме да пишува само албански јазик, рече Зендели. Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа кога се очекува да се одржи средбата на претседателите на албанските политички партии иницирана од Движењето Беса, Зендели рече дека како партија не сакаат да наметнуваат ниту датуми, а и ниту обрврски, туку сакаат тоа да биде дебата каде што политичките партии ќе се изјаснаат во однос на прашањето за бришење на формулацијата од Уставот „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“. - Во моментот, кај албанските политички партии нема некоја што е против во однос на тоа. Ќе видиме како тоа ќе дејствува во институциите, затоа што сите ние знаеме кои се правилата за отворање и дебатирање по основ на предлози за уставни измени кои ќе дојдат од Владата. Одговорноста на ДУИ и другите политички партии на Албанците кои се во власт не е многу голема, затоа што предлогот ќе дојде од Владата и ако предлогот доаѓа без овој предлог, ние во Собранието ќе бидеме оневозможени да дебатираме во однос на оваа прашање. Затоа, и од ДУИ и од Алтернатива и другите кои се дел од власта треба јасно да се изјаснат дали се за ова прашање или не се. Тие јавно се изјаснуваат дека сакаат да соработуваат, но нема конкретен одговор од нивна страна, рече Зендели.фф/лв/

Остани поврзан