• вторник, 04 февруари 2025

Земјотрес од 4,9 степени во близина на Санторини-порака од 112 до жителите на островот

Земјотрес од 4,9 степени во близина на Санторини-порака од 112 до жителите на островот

Атина, 3 февруари 2025 (МИА) – Нов земјотрес со јачина од 4,9 степени беше регистриран источно од Санторини, што воедно е и најсилниот во серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос во изминатите најмалку 48 часа, додека пак од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака со предупредување до сите оние кои се на островот поради опасност од лизгање на земјиштето, јави дописничката на МИА од Атина.

По конкретниот земјотрес за помалку од еден час следеа шест помали потреси со јачина од 3,3 до 4 степени.

Сеизмологот Герасимос Пападопулос на социјалните мрежи, коментирајќи ги двата поголеми земјотреси, од 4,7 степени утрово и од 4,9 степени претпладнево, рече дека со новото зголемување на магнитудите се потврдува неговата процена дека постои „интензивна предземјотресна серија“, која може да трае и до четири месеци и уште еднаш потенцираше дека „гласините за вулканска активност се неосновани“.

Од бројот 112 беше испратена порака до оние кои се на Санторини со предупредување за „опасност од лизгање на земјиштето поради сеизмичка активност“, но и дека е забранет пристапот до областите на Амуди, Армени и старото пристаниште на островот.

Кусо подоцна следеше уште една порака од бројот за итни случаи, но до сите оние кои се на островите Иос, Аморгос, Санторини и Анафи, да бидат во состојба на готовност, поради континуираната сеизмичка активност.

Се очекува во текот на денешниот ден надлежните комисии од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција да одржат нов состанок. ср/ссм/

Остани поврзан