• сабота, 23 ноември 2024

Земјоделски протести во Брисел против трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур 

Земјоделски протести во Брисел против трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур 

Брисел, 13 ноември 2024 (МИА) – Неколку стотици земјоделци денеска протестираа пред зградите на Европската комисија, Советот на ЕУ и Европскиот парламент во Брисел, со цел да го изразат своето противење на најавеното претстојно потпишување на договорот за слободна трговија меѓу Унијата и јужноамериканската организација Меркосур. 

Според организаторите на протестот, валонската Обединетата федерација на групите на полјоделци и фармери (ФУГЕА), предложениот трговски договор е многу контроверзен од земјоделски аспект. 

Датумот на потпишувањето на договорот се уште не е потврден, но според шпанскиот премиер Педро Санчез, кој е еден од неговите најголеми поддржувачи, тоа би можело да се случи за време на Самитот на Г20 во Рио де Жанерио на 18 и 19 ноември во Рио де Жaнеиро или пак на средбата на врвот на Меркосур, предвидена за од 5 до 7 декември. 

Од друга страна, француската министерка за земјоделство Ани Женевар изјави дека е убедена оти договорот нема да биде потпишан на Самитот на Г20. 

Во Франција, како и во белгискиот франкофонски регион Валонија, постои голем отпор кон потпишувањето на овој договор, со образложение дека тој ќе им нанесе штети на земјоделците во ЕУ, бидејќи ќе се овозможи увоз на поевтини прехранбени производи од Јужна Америка.  

Во вакви услови, како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ, Париз се обидува да обезбеди т.н. „блокирачко малцинство“ во Советот на ЕУ, со цел да го спречи потпишувањето на договорот. 

Според белгискиот либерален европратеник Беноа Касар, кој и самиот е земјоделец, во моментов подготвеност за соработка со Франција околу идејата за блокирање на договорот изразиле Австрија, Холандија и Ирска. 

- Белгија мора да се приклучи на оваа група, истакна Касар. 

За да успее планот за блокирање на договорот, потребно е тој да добие поддршка од најмалку три земји членки на ЕУ во кои живеат најмалку 35 проценти од вкупниот број жители на ЕУ.  

Во одговор на побараниот коментар на Европската комисија на денешните земјоделски протести во Брисел, портпаролот на ЕК за земјоделство и трговија Олоф Гил изјави дека и во преговорите со Меркосур, како и во сите преговори за склучување на трговски договори, ЕУ се обидува да обезбеди целосно земање предвид на забелешките на земјоделскиот сектор и нивно вклучување во документот. сп/

Фото: Скриншот/Белга

Остани поврзан