• среда, 25 декември 2024

Земјава ќе ги следи препораки од ЕК за начинот на плаќање на рускиот гас

Земјава ќе ги следи препораки од ЕК за начинот на плаќање на рускиот гас
Скопје, 22 јули 2022 (МИА) - Како држава нашата намера е целосно да се интегрираме и да станеме членка на Европската Унија. Затоа ги следиме западните политики и кога веќе ги следиме таквите политики заедно треба да го сносиме и лошото и доброто. Ќе ги следиме и сите препораки за плаќањето на рускиот природен гас, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши. - Како Министерство за економија ќе ги следиме сите одлуки што се носат од страна на Европската комисија (ЕК) и секоја одлука што ќе ја донесат ќе ја донесеме и ние преку Министерството за надворешни работи, вклучително и во делот на енергенсите. Наш интерес е да ја зголемиме сигурноста во делот на снабдување со енергенси и да го диверзифицираме снабдувањето со природен гас и затоа наскоро ќе се објави тендерот за изградба на новиот гасен интерконектор со Грција. Бараме од ЕК да влијае на Бугарија да се ослободат капацитетите кои се закупени од страна на „Газпром“, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната средба со новинарите. Тој нагласи дека се прават подготовки за обезбедување на алтернативни енергенси за топланите и енергетските капацитети за да работат во континуитет согласно нивните планови за производство, доколку Русија одлучи да го запре снабдувањето со природен гас за земјава. - Моментно гасот не го плаќаме во рубљи, но доколку инсистира Русија, а Европската комисија има одлука да не се плаќа во рубљи и ние нема да го правиме тоа. Како држава до овој момент со гас се снабдуваме само од „Газпром“, имајќи предвид дека сите капацитети се закупени од тој оператор, посочи Бектеши. Земјава во моментов е 100 проценти зависна од руски природен гас кој го набавува преку гасоводот со Бугарија каде до 2030 година руски „Газпром“ ги има закупено сите капацитети за транспорт на гас до нашата граница. Народната банка, пак, веќе ја стави рубљата на курсната листа со што постои можност за плаќање на гасот со руската валута. вј/сп/

Остани поврзан