• недела, 24 ноември 2024

Градиме иднина: Сите 18 700 деца питачи да се вратат во училиштата и градинките

Градиме иднина: Сите 18 700 деца питачи да се вратат во училиштата и градинките

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Здружение Градиме иднина - Скопје бара Министерството за образование и наука и Владата од буџетот на државата да издвојат средства за проектот „Стоп против питачењето и злоупотребата на децата“ и сите 18 700 деца кои се на улица да се вратат во училиштата и да се згрижат во градинките.

Претседателот на здружението Градиме иднина - Скопје, Илија Јовановиќ, денеска имаше работна средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири и дел од неговите соработници. Како што истакна, на средбата побарал да се најде решение за децата од улица да се вратат во училиштата и градинките и да се одвојат финансии и за овој проект како што се помогна за 60 деца и младинци без родители, кои не го завршија средното образование.

 - Министерот рече дека целосно ќе се вклучи и ќе го поддржи овој проект и дека ќе се решат проблемите на сите тие 18 700 деца кои се на улица, истакна Јовановиќ на денешната прес-конференција.

Тој изјави дека овој проект во последните две години вроди со плод. Како што истакна, во Скопје веќе седум локации исчистиле од питачи.

- Апелирам до сите граѓани, со цел овој проект да вроди со плод, да престанете да им давате монети затоа што ние ќе дадеме предлог закон сите возачи кои даваат монети да одговараат кривично, да им се одземе возачка дозвола на три месеци, како и да има и поригорозни парични казни со изноз од 300, 500 па и 800 илјади евра, нагласи Јовановиќ.

Тој упати апел и до министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, да формира повеќе мобилни екипи кои ќе работат на терен во три смени со цел да се спречи оваа состојба.

 - Една мобилна екипа на ниво на градот Скопје не може да го исполни капацитетот затоа што секојдневно само во главниот град питачат 250 деца, меѓу кои има носени и од другите градови од државата, рече Јовановиќ.

Како што изјави, здружението во изминативе две години имале работни состаноци со Министерството за труд и социјална политика кои вродиле со плод.

 - Министерството ја има целата информација колку питачи секојдневно се отстрануваат во градот Скопје и што се презема. Многу е слаб одзивот на овој проект, но не губиме надеж. Доволно е што сега Министерството за внатрешни работи поднесе девет кривични пријави до организаторите и други поригорозни мерки се преземаат и им се одзема родителското право на родителите, додаде Јовановиќ.

Министерката за труд и социјална политика денеска на настанот по повод промоција на Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки, во врска со оваа проблематика најави дека пред да настапи зимскиот период, ќе работат на поголема присутност на тимовите на оние места коишто се најфреквентни, каде често се среќаваат децата на улица. сан/са/

Фото: МИА

Остани поврзан