• понеделник, 23 декември 2024

Зградата на Еврокомисијата осветлена во чест на 20-годишнината од големото проширување на ЕУ 

Зградата на Еврокомисијата осветлена во чест на 20-годишнината од големото проширување на ЕУ 

Брисел, 1 мај 2024 (МИА) – Палатата „Берлемон“ во Брисел во која се наоѓа седиштето на Европската комисија минатата ноќ беше осветлена во чест на 20-годишнината од т.н. големо проширување на ЕУ, кога на 1 мај 2004 година во членство во Унијата беа примени 10 земји од Источна Европа. 

- Со проширувањето во 2004 година, ЕУ стана поголем политички, економски и културен ентитет, создавајќи повеќе можности за граѓаните низ нашата Унија, наведе Европската комисија во објава на Икс. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок. 

- Историското проширување во 2004 година донесе нови можности и поголем просперитет за граѓаните низ нашата Унија, објави Фон дер Лајен на Икс.  

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел пак оцени дека со проширувањето во 2004 година го означи и повторното обединување на поделениот континент.

На 1 мај 2004 година во членство во ЕУ беа примени Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка, со што Унијата од дотогашните 15 се зголеми на 25 члена, поради што приемот на овие 10 членки уште се нарекува и големо проширување. сп/рп/

Фото: Икс

Остани поврзан