• среда, 27 ноември 2024

Зголемен интерес меѓу членките на ЕУ за местото еврокомесар за проширување 

Зголемен интерес меѓу членките на ЕУ за местото еврокомесар за проширување 

Брисел, 4 јуни 2024 (МИА) - Повеќе земји членки на ЕУ пројавуваат интерес нивни претставник да раководи со ресорот за проширување и соседска политика во следниот состав на Европската комисија. 

Овој ресор, кој вклучува развивање на односите со соседите на ЕУ, обезбедување кредибилна перспектива за влез во Унијата и поддршка на реформите во земји кандидати за членство, и досега важеше за еден од поважните во ЕК, но војната на Русија во Украина и промените во геополитичкиот пејзаж ја зголемија свесноста дека стратешкиот интерес на блокот за стабилно и безбедно соседство го надминува прашањето за тоа која ќе биде следната членка на ЕУ. 

Значење на ресорот е дополнително зголемено со одлуките на ЕУ за старт на пристапните преговори со Украина, Молдавија, Грузија и Босна и Херцеговина, кои се надоврзаа на земјите кои веќе го започнаа преговарачкиот процес – Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Австрија, Грција и Шведска отворено пројавија интерес за овој ресор, но и Унгарија сака со него да продолжи да раководи актуелниот еврокомесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, со што Будимпешта би го задржала влијанието врз менаџирањето со преговорите за членство, пред се на Украина и на земјите од Западниот Балкан. 

Но, некои земји членки на ЕУ изразија резервираност кон идејата Вархеји или некој друг унгарски еврокомесар да ја задржи таа позиција, посочувајќи дека е невообичаено една земја да раководи со ист ресор во два последователни мандати на Европската комисија. Дополнително, резерви кон поставувањето на „кадар на Будимпешта“ на чело на овој ресор има и поради заканите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за забавување на пристапни преговори на Украина и неговите обиди за блокирање на помошта за земјата. 

Високи претставници на ЕУ во повеќе наврати изминатиов период ја нагласуваа потребата од забрзување на процедурите за прием на нови членки во ЕУ, кои претходната Европска комисија на Жан-Клод Јункер во суштина ги запре, што и резултираше со речиси еднодецениска стагнација на процесот на проширување. 

Дипломатски извори во Брисел за „Еуроактив“ посочуваат дека клучна задача на еврокомесарот за проширување и соседска политика во следниот период ќе биде „да се заврши Украина“ и да се реформираат другите земји кандидати за членство. 

За таа цел ЕК веќе воспостави нов Механизам за поддршка на Украина во нејзината обнова и подготовките за членство и го донесе Планот за раст на Западниот Балкан, кој предвидува дополнителни шест милијарди евра условна помош за земјите од регионот и нивно постепено интегрирање во структурите на блокот. 

Покрај прашањето за проширувањето, дополнителна тежина на ресорот му дава и делот за соседска политика со склучувањето договори за миграција и стратешки партнерства со неколку земји од реонот на Медитеранот. 

Поради ова, се најавува и можноста следниот еврокомесар за проширување и соседска политика воедно да биде и потпретседател на Европската комисија со задача да ги координира активностите на останатите еврокомесари поврзани со преговарачките процеси за членство во ЕУ, пред се во однос на земјоделските и кохезивните политики, буџетските трошоци и реформите, како и во развојот на односите и соработката со земјите од соседството на Унијата. 

Според дипломатски извори, во Брисел при изборот на еврокомесарот кој би раководел од овој ресор особено се води внимание да се избегне можна политизација на процесот на проширување. Во овој контекст, кандидатот за еврокомесар од Шведска се оценува како „потенцијално чесен избор“ имајќи го предвид искуството на земјата како коавтор на Источното партнерство и нејзината работа како претседавач со ЕУ во водењето на процесот на проширување. 

Како потенцијални прифатливи решенија би биле и кандидатите од некои земји од Централна или Источна Европа, поради нивните сопствени искуство од пристапувањето во ЕУ. 

Но, тоа не важи за земјите директни соседи на државите кандидати за членство поради загриженост дека соседските спорови би можеле да имаат влијание врз процесот на проширување, како во случај на Грција со Албанија и Северна Македонија или Полска со Украина. 

Еврокомесар од Австрија, исто така, не се смета за најсреќно решение, поради ставот на Виена кон БиХ.  

- Сите сакаме разумна земја која е одговорна, земја која отворено не би го ставила националниот интерес над работата што со добра волја треба да се направи на техничко ниво. Ако таму ставите кловн кој не ја разбира техничката страна на нештата и чувствителноста и на земјите кандидати за ЕУ и на земјите членки, тогаш имаме проблем, посочуваат дипломатски извори за „Еурактив“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан