• вторник, 24 декември 2024

Зголемено штедењето и кредитирањето

Зголемено штедењето и кредитирањето
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Вкупните депозити во банките во септември на годишно ниво бележат  раст од 3,4%, а вкупната кредитна поддршка е поголема за 9,9%, соопшти Народната банка. Растот на депозитната маса во целост се должи на повисоките депозити во секторот домаќинства. Растот на вкупните кредити, пак, е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, а е поизразено кај корпоративниот сектор. Во септември, паричната маса забележа месечен раст од 0,9%, пред сѐ како резултат на повисоките депозитни пари, при помал раст и на долгорочните депозити до две години, додека краткорочните депозити и готовите пари во оптек бележат пад. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 3,7%, во поголем дел поради растот на краткорочните депозити, при дополнителен раст и на депозитните пари, а во услови на пад на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек. Вкупните депозити во септември се зголемени за 0,9% на месечна основа, поради растот на депозитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“. Годишниот раст изнесува 3,4% и речиси во целост се должи на повисоките депозити на секторот „домаќинства“. Вкупните кредити забележаа месечен и годишен раст од 0,9% и 9,9%, соодветно. Притоа, нагорната месечна и годишна промена е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор. Во септември, вкупните депозити на корпоративниот сектор се зголемени за 1,5% на месечно ниво. Нагорната промена пред сѐ произлегува од растот на депозитните пари, при забележан раст и на долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат пад. На годишно ниво, овие депозити се зголемени за 0,4%, како резултат на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута и во денари, во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута и во денари. Кредитите на корпоративниот сектор, остварија месечен раст од 1,1%, при годишен раст од 12,6%. Притоа, нагорната промена по двете основи се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со малку поголем придонес на кредитите во странска валута. Депозитите на домаќинствата, во септември, бележат месечен раст од 1,1%. Месечната промена во најголем дел произлегува од растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при помал раст и на долгорочните депозити во странска валута и во денари, а во услови на мал пад на краткорочните депозити во денари. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 5,3% и главно се должи на повисоките краткорочни депозити во странска валута, при помал позитивен придонес и на долгорочните депозити во странска валута и депозитните пари, додека долгорочните и краткорочните депозити во денари бележат пад. Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,7% на месечно ниво, во услови на раст на кредитирањето во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута. Во споредба со истиот месец претходната година, кредитите на домаќинствата се повисоки за 7,6%, како резултат на зголемените кредити во денари и во странска валута, со малку поизразен придонес на кредитите во денари. Во септември, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е забележан месечен раст од 0,8% и 0,9%, соодветно, при годишен раст од 6,7% и 12,9%, соодветно. Според ревидираните податоци, кај автомобилските кредити е остварен месечен пад од 0,5%, при годишен раст од 0,8%. Во септември, кредитите одобрени на кредитни картички бележат месечен и годишен пад за 0,1%, соодветно, додека негативните салда на тековните сметки се намалени за 2,0% на месечна основа, а се непроменети на годишна основа. Кредитите одобрени врз други основи се пониски за 1,2% на месечно ниво и 17,1% на годишно ниво.са/  

Остани поврзан